Daily news
Ќе донесе ли Мицкоски нови политики во ВМРО-ДПМНЕ?
Со доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат умерени тонови што се испраќаат во јавноста. Политичкиот опонент, кој повеќе од девет месеци го нарекуваше СДС, сега е заменет со СДСМ, односно целото име на партијата.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја повтори поддршката за неправедно притворените колеги и другите граѓани во врска со настаните од 27 април. Одговорност на власта, односно мнозинството на СДСМ, е да обезбеди нормално функционирање на Собранието“, информираат од прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во изминатиот период, додека Груевски беше лидер, карактеристично беше и обраќањето кон лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев. Веќе во последните неколку соопштенија од партијата се забележува поинаква реторика, аболираниот Зоран Заев е заменет со зборот премиер на Владата.
„Десетици учесници во настаните од 27 април, уметници и пратеници, неосновано се ставени во притвор додека премиерот е целосно недопирлив за правосудните органи“, стои во едно од последните соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, по средбата со премиерот Зоран Заев, новоизбраниот лидер на најголемата опозициска партија рече дека е за отворање дискусија и за продолжување на дијалогот. Иако не беше концизен кога и дали опозицијата ќе се врати во Собранието, рече дека ќе се заложи за конструктивен однос кон евроинтеграциските процеси.
„Во овој момент е добро да се отвори еден ваков процес, добро е да се дискутира. Во тој дух ќе продолжиме и во периодот што следува, јас тука немам никаква дилема“, изјави Мицкоски по средбата со премиерот Заев.
За универзитетскиот професор и политички аналитичар Владимир Божиновски, средбата помеѓу двајцата лидери е чекор напред во односите меѓу власта и опозицијата. Според него, ова е можност двете партии да станат вистински политички опоненти, а не политички непријатели како досега.
„Средбата меѓу Мицкоски и премиерот отвора простор да гледаме позитивно кон односите меѓу власта и опозицијата. Мора да бидеме свесни дека и ЕУ го очекува тоа, односно дека власта и опозицијата мора да постигнат консензус за прашањата што се важи за европската иднина. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане доследна на зборот и ќе даде придонес кон овие процеси, но, сепак, како што рече и самиот лидер Мицкоски, ќе треба да се исполнат одредени барања и на опозицијата“, рече Божиновски.
Дали со новиот претседател Мицкоски партијата ќе тргне на патот кон дијалог, помирување и реформи, за други аналитичари оваа прашање е сè уште неизвесно.
„Новиот лидер не покажа поинаков однос од неговиот претходник со тоа што не ги осуди настаните од 27 април, не го осуди криминалот со кој старото раководство го извалка името на партијата. Се сомневам дека ова повторно е политичка шминка на старата фасада“, рече професорот Ненад Новковски.
Но, во каква насока ќе се движат односите и дали конструктивноста ќе се спроведе на дело, ќе покаже одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за врќање во работата на Собранието.
Г.Д.М
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.