Bilxa Bargeld & Teho Teardo ќе ја доловат длабочината на црното со концерт во Македонската филхармонија

Bilxa Bargeld & Teho Teardo ќе ја доловат длабочината на црното со концерт во Македонската филхармонија

Во Македонската филхармонија в сабота (9 декември) ќе се одржи концерт на Bilxa Bargeld & Teho Teardo, фузија на двајца музичари што ја претставуваат оската Рим – Берлин.

Концертот, кој е во организација на МКЦ, е всушност промоција на нивниот нов материјал што следува три години по деби-албумот Still Smiling.

Новиот албум, кој е плод на соработката на Teho и Blixa носи наслов Nerissimo и претставува резултат на посебна поврзаност, и уметничка и лична, каде што двајцата музичари пронаоѓаат нов облик на нивна креативна блискост за да може да откриваат нови светови.

Nerissimo на италијански е суперлативна форма за придавката црн (најцрниот) бидејќи, како што велат организаторите, има нешто многу црно во музиката на ова издание. Насловната песна Nerissimo има две верзии, англиската го отвора албумот, а италијанската го затвора, заокружувајќи го албумот како крај на една книга.

Посебно во нивната нова соработка е користењето дрвени дувачки инструменти, особено бас-кларинетот, кој игра длабока и многу значајна улога во неколку од новите песни. Заеднички нивниот звук создава заоблен фреквенциски спектар за топло да го обвие и поткрепи нискиот милозвучен глас на Blixa.

Blixa Bargeld е роден во 1959 година во Западен Берлин. Како самоук артист тој работи како пејач, писател, композитор и режисер. Дел е и од Nick Cave and the Bad Seeds како гитарист, повеќе од 10 години и е предводник и основач на Einstürzende Neubauten од 1980 година. Во моментот живее на релација Сан Франциско – Берлин – Пекинг.

Teho Teardo е музичар, композитор и дизајнер на звук кој живее во Рим. Негово дело е музиката за неколку филма од режисери добитници на наградата „Оскар“, како Паоло Сорентино и Габриеле Салваторес. Има добиено повеќе награди за својата музика, како наградата „Енио Мориконе“ и наградата „Давид ди Донатело“.

Концертот в сабота е закажен за 20 часот, а билетите по цена од 600 денари може да се набават во „Југотон“, „1/2 Југотон“ и на билетарницата на МКЦ.