Daily news
Joво Вангеловски: Судот не требало да му одреди притвор на Кочан
„Ние не го укинуваме притворот за Сеад Кочан, туку ја цениме законитоста на одлуките на пониските судови“, изјави за Дојче веле претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Ваквото објаснување доаѓа откако постапувајќи по Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) доставено од Јавното обвинителство, Врховниот суд реши да ги укине одлуките на Кривичниот и на Апелацискиот суд, со кои беше изречена мерка притвор за Сеад Кочан и побарано распишување на потерница по него.
Вангеловски за Дојче Веле децидно тврди дека има повеќе повреди на законитоста, меѓу кои две посуштествени.
„При барање на мерка притвор, еден од предусловите е да се достави доказ за основите на сомневање дека е сторено кривично дело. Во случајов, од страна на СЈО не е доставен таков доказ, а Судот направил повреда на законот кога без доставен доказ одредил мерка притвор“, вели претседателот на Врховниот суд.
Тој потенцира дека треба да се има предвид и дека судија на претходна постапка првично го одбил барањето за мерка притвор. На таквото решение СЈО тогаш вложи жалба, која потоа Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати, оценувајќи дека се исполнети сите услови за одредување притвор и донесе наредба за приведување на осомничениот. Според Вангеловски, при таа одлука била направена втората посуштествена повреда на законитоста.
„Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, дал правна поука дека жалбата на ваквото решение не го одложува нејзиното извршување. Тоа не е точно. Со првото поднесување жалба на решението, се одлага извршувањето на тоа решение. Тоа е јасно пропишано во членот 442 од Законот за кривична постапка. Според тоа, судот не требало веднаш да одреди притвор, ниту да бара да се распише потерница“, вели Вангеловски.
Со исто образложение тогаш реагираше и адвокатот на Сеад Кочан, тврдејќи дека неговиот клиент е слободен човек и дека не може да се смета дека е во бегство со неправосилно решение, односно, сè додека судот не се произнесе по жалбата на одбраната. Но, наспроти овие аргументи, беше спротивставен ставот дека кога осомничениот е во бегство, првостепеното решение за притвор е извршно веднаш.
Укинувањето на одлуките на пониските судови, со кои се укинува и притворот за Кочан, доаѓа по неколку дена откако Кривичниот суд по барање на СЈО го замрзна имотот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“. Сега предметот се враќа на повторно одлучување во Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, кој ќе треба да донесе одлука дали на Кочан повторно ќе му одреди мерка притвор или ќе остане на слобода. Врховниот суд преку официјално соопштение денеска треба да го објави целосното образложение за донесената одлука.
Сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, е во бегство повеќе од два месеца. СЈО во предметот „Труст“ го сомничи дека во 2011 година на тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина доставил фалсификувани документи за наводна техничка и кадровска опременост на неговата компанија и на тој начин заедно со уште две фирми незаконски наплатил 17,2 милиони евра.
Мф/ВМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.