Kрадецот кој украде околу три милиони евра од НЛБ имал тројца помагачи

Kрадецот кој украде околу три милиони евра од  НЛБ имал тројца помагачи

 

Во врска со случајот на затајување во НЛБ Тутунска банка по дополнително преземени мерки и дејствија како и обезбедени докази, Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе писмено известување за лицата: Г.С.(43) – брат на првопријавениот Б.С., за Е.П.(24) – вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ Тутунска Банка и за Б.М.(38) – пријател на првопријавениот, сите од Скопје, за кои постојат основи на сомнение дека извршиле кривично дело „затајување“ в.в. „помагање“, со што на првопријавениот Б.С. директно му помогнале во извршувањето на кривичното дело со кое противправно се стекнал со имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра.

“Имено, на ден 04/04/2017 година Б.С. околу 17:00 часот на шалтерот на кој работела пријавената Е.П. се информирал за курсот на еврата и швајцарските франци, со образложение дека некој негов пријател сакал да направи конверзија на евра во швајцарски франци, но наводно не знаел кога истиот би ја извршил конверзијата.

После половина час, првопријавениот Б.С. заедно со неговиот брат Г.С. пристапиле кон шалтерот при што од страна на Г.С. на пријавената Е.П. и биле предадени 95.000 евра заедно со негова лична карта, за да преку неговата трансакциска сметка да изврши конверзија на наведените девизи во швајцарски франци.

Откако вработената ја направила потребната нарачка со електронски налог до трезорот, Б.С. и кажал дека парите (100.000 швајцарски франци- конвертирани 95.000 евра) тој лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата.

Од страна на Г.С. биле потпишани сите потребни документи за паричните средства, а Е.П. ги задржала 95.000 евра во благајна, по што по завршување на смената истата заради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту, пак, имала вишок парични средства.

Од извршениот увид во снимките од видео надзорот во банката, констатирано е дека додека Г.С. е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е и неговиот брат пријавениот Б.С. од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту, пак, Е.П. му исплаќа пари на Г.С. ( наводните 100.000 швајцарски франци) како би се завршила конверзијата.

Всушност на овој начин е овозможено затворање на претходно настанатиот кусок од 100.000 швајцарски франци во трезорот направен од првопријавениот (првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци).

Понатаму, на 07/04/2017 година во попладневните часови додека Е.П. била на смена повторно постапувајки по упатства на Б.С. преку системот на достава од трезорот кога на смена бил истиот, примила парични средства во апоени од по 500 и 100 евра, вкупно 375.000 евра, за кои таа без да подготви било каков банкарски документ за потреба од вакви парични средства во благајната и без да биде изготвен документ за исплаќање на парите од трезорот, на рака му ги предала на Б.С. по што тој овие парични средства ги присвоил за себе и се одалечил од екпозитурата на банката.

На 10/04/2017 година, Б.С. откако противправно присвоил уште 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор и овие пари ги ставил во украсна кеса околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил банката.

По напуштањето на банката, кесата со парите му ја предал на неговиот брат Г.С., кој пак му ги предал на третопријавениот Б.М. Наредниот ден на 11/04/2017 година после 14:00 часот на ГП „Табановце“ со Р.Србија, со моторно возило „Фолксваген Голф“ ја напуштил територијата на РМ.

Во текот на вчерашниот ден Б.М. беше лишен од слобода и истиот е изведен пред судија на претходна постапка.

Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје и понатаму се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично правниот настан, за утврдување на кој начин од банката Б.С. изнел дополнително и уште 300.000 швајцарски франци„ се вели во соопштението на МВР./крај/мф/кс