(ВИДЕО) Samsung Galaxy Note 8 официјално претставен во Македонија

(ВИДЕО) Samsung Galaxy Note 8 официјално претставен во Македонија

„Самсунг Македонија“ и официјално пред македонската публика го претстави новиот супермоќен таблет Samsung Galaxy Note 8. Новиот Note 8 ќе може да се набави од 15 септември кај македонските мобилни оператори, како и низ повеќе дистрибутери на електронска опрема.

На промоцијата во барот „Дистрикт“ беа истакнати главните квалитети на Samsung Galaxy Note 8, како што е новиот 6,3-инчен Infinity Display со формат од 18:9 и Quad HD-резолуција, одличната двојна 12-мегапикселна камера за креирање фантастични слики и видеа со оптичка стабилизација, употребата на S Pen за брзо внесување податоци и команди, како и неговиот моќен осумјадрен Exynos 8895 Octa-процесор. Отпорен е на вода и прав, има брзо безжично полнење и виртуелен асистент Bixby. Располага со 6 гигабајти RAM-меморија. Достапен е во црна, сива, сина и во златна боја.

„Во 2011, кога првпат ја лансиравме Note-серијата, малкумина веруваа дека телефон со голема дијагонала на дисплејот ќе постигне успех. „Самсунг“ ги следи потребите на потрошувачите, но и создава нови категории производи, што е резултат на иновативноста“, истакна Милан Вујовиќ, маркетинг-директор на компанијата „Самсунг“ за Адријатик Регионот.

Иако Galaxy Note 8 има досега најголем екран од сите Note-уреди, неговото тесно куќиште овозможува удобно држење на уредот во една рака. Дијагоналата на „бесконечниот“ екран од 6,3 инчи Quad HD+ Super AMOLED им овозможува на корисниците да видат повеќе, а да скролаат помалку. Покрај Multi Window-опцијата за отворање неколку прозорци истовремено, Note 8 воведува и нова функција Pair за креирање персонализирани парови на апликации на Edge-панелот со истовремено стартување две апликации. Сега корисниците ќе може да ги гледаат видеосодржините додека пишуваат порака или да се вклучат во конференциска врска додека бројот и дневниот ред на состанокот им стои на екранот.

Пенкалцето S Pen им овозможува на корисниците да запишат и до 100 страници белешки на телефонот, дури и кога екранот е исклучен. Корисниците на овој начин ќе може и да сликаат затоа што „Самсунг“ нуди своја апликација со Note 8-телефоните со S Pen. Со S pen исто така ќе може да означувате текст и да го преведете на повеќе јазици. Исто така, S Pen ќе може да се користи во апликациите за пораки каде што може да се креираат сликички и гифови кои може да им се испраќаат на пријателите.