Ибрахими: Политичката криза не треба да се одрази на плановите за економски раст

Ибрахими: Политичката криза не треба да се одрази на плановите за економски раст

 

Разгледување на постигнатите резултати од досегашното функционирање на трипартитниот социјален дијалог на национално и локално ниво, како и утврдување на можностите и приоритетните области за делување во следниот период, беа главните теми на седницата на Економско-социјалниот совет со која претседаваше министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.

На седницата активно се вклучија и претставниците на репрезентативните социјални партнери – Организацијата на работодавачи на Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

„Членовите на Економско-социјалниот совет се согласни дека предизвиците со кои се соочува земјата поврзани со долготрајната политичка криза не треба да се пречка за остварување и натамошно динамизирање на трипартиниот социјален дијалог. Времето до формирањето на новата Влада треба ефективно да се искористи за да се поттикне имплементацијата на веќе усвоените економски и социјални политики, но и да се договорат следните чекори кои треба да овозможат натамошен економскиот раст на земјата, преку привлекување нови инвестиции, создавање нови работни места и гарантирање на стабилноста и одржливоста на постојните, со цел подигнување на животниот стандард на сите граѓани и севкупен напредок на земјата“, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, во својство на претседател на Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Членовите на ЕСС разгледаа и дадоа мислења, препораки и поддршка за имплементација на повеќе проекти од економско-социјалната сфера, како што се: проектот „Македонија вработува“, Акцискиот план за вработување на млади за периодот 2016-2020, измените и дополнувањата на законите за вработување и осигурување во случај на невработеност, за минималната плата, за пензиско и инвалидско осигурување, како и за донесување на Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните и на Законот за национална база на податоци за лица со инвалидност./крај/со/бб