Новинарите од МПМ стапија во штрајк

Новинарите од МПМ стапија во штрајк

 

На Денот на македонското новинарство, 17 февруари, во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, најголем дел од новинарите и другите медиумски работници стапија во штрајк на неопределно време.

Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.

Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници, е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи.

„Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весницити кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Наместо да се свестат, сопствениците на комапнијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите“, велат од ССНМ.

Иманку, како што пишувавме вчера, компаниите „Орка Холдинг“ управувана од Јордан Камчев и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисаљева излегоа од сопственичката структура на „Графички центар ДОО“, долгогодишен сопственик на Македонија Медиа Принт (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, порталот „Телеграф“, магазинот „Теа модерна“.

Според последните издадени документи од МПМ сега сопственици се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, кој што е сопственост на МПМ или, во превод, Камчев и Станисаљева го оставаат Срѓан Керим како единствен сопственик на оваа издаваштво. Јана Станисављева останува на позицијата генерален директор на МПМ.

Подоцна од таму соопштја дека сите обврски кои компаниите „Интернет груп инвестмент“ и Орка Холдинг ги имаа кон вработените заклучно со 31.12.2016 година се подмирени, а дека во наредните денови ќе се подмират и обврските кон платите за јануари 2017./крај/со/бб