Предвидени 45 милиони денари за субвенции, со кои домаќинствата ќе се поттикнуваат на енергетска ефикасност

Предвидени 45 милиони денари за субвенции, со кои домаќинствата ќе се поттикнуваат на енергетска ефикасност

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информира за реализираните мерки во енергетскиот сектор насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, но и за плановите за субвенции во текот на 2018.

Нагласи дека со цел стимулирање на користењето на сончевата енергија од страна на граѓаните била обезбедена поголема финансиска поддршка преку зголемување на буџетот со ребалансот, па за купување и вградување соларни колектори подддршка годинава обезбедиле 1.794 домаќинства.

Воедно, информира дека со ребалансот на буџетот за 2017 година, согледувајќи ја потребата за алоцирање повеќе средства за една од мерките – замена на дрвените прозорци со ПВЦ или алуминиумски, се обезбедиле дополнителни 16 милиони денари од претходно предвидените за таа намена, со што и бројот на вкупните домаќинства корисници на оваа мерка за 2017 е зголемен на 1.327.

„Со мерките за вградување соларни колектори и ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе продолжиме и во иднина, а средства за нив се предвидени и во буџетот в година. Од 2018 домаќинствата ќе имаат на располагање дополнителна нова мерка – за купување ефикасни печки за греење на пелети, со која ќе се придонесе за заштеди на електричната енергија, олеснување на домашниот буџет и, секако, зачувување на животната средина“, појасни Бектеши.

За овие мерки Министерството за економија има предвидено 45 милиони денари субвенции за в година, а годинашната поддршка за над 3 илјади домаќинства е навреме исплатена.