Се отвораат 10 илјади нови работни места

Се отвораат 10 илјади нови работни места

 

Нови 10 илјади вработувања треба да се реализираат со мерките и програмите од Оперативниот план за вработување за 2017 година, за што се предвидени 14.200.000 евра, или 2,6 милиони евра повеќе од лани. Од вкупниот број планирани нови работни места најголем дел или околу 5.000 се очекува да бидат креирани преку проектот „Македонија вработува 2“.

„Со реализација на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“ со што значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која наредната година планираме да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти“, рече во петок на прес-конференција вицепремиерот здолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Во рамки на Оперативниот план, усвоен на последната владина седница, е предвидена имплементација на 22 програми и мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на трудот.

Со Планот ќе продолжи реализацијата на Програмата за самовработување во чии рамки ќе се издвојат средства за формирање нови 1.000 микрокомпании, а грантот од неповратни средства за поддршка за отворање компанија наместо како досега 3.000 илјади ќе биде зголемен на 4.000 илјади евра.

Продолжува и поддршката за лицата со попреченост кои ќе можат да добијат грант од 4,5 илјади евра за отворање 50 нови микрокомпании, но и субвенционирањето на компаниите за отворање работни места за овие лица. Се очекува овие мерки да генерираат нови 500 работни места. Продолжуваат и проектите за поддршка за отворање приватни детски градинки и старски домови со грантови од 10 односно 12.500 евра кои ќе треба да создадат осумдесетина нови работни места.

Планот вклучува и организација на обуки за над 7.200 невработени лица за да се стекнат со нови знаења и вештини со што ќе им зголемат шансите за вработување. Дополнително преку 11 вида услуги од АВРМ се очекува да бидат опфатени 27.200 лица.

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими рече дека со Планот се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавање нови работни места и да се зголеми вработливоста на невработените лица.

„Правото на учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна услуга и програма, односно мерка за вработување, а како општо правило се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 отсто“, рече Ибрахими.

Според директорот на АВРМ Влатко Поповски огласите за определените мерки и активности ќе почнат да се објавуваат од понеделник, со што, сите граѓани на Македонија ќе бидат запознаени поодделно со правилата на огласот за таа мерка, со условите за апликација./крај/со/бб