Економија
ССК: Потребна е директна авиолинија со Романија за поголема соработка во туризмот
Претседателот на Туристичко-угоститилската комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК), Аркан Керим, потпиша меморандум за соработка со претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија, Адријан Станчулеску. На настанот присуствуваше амбасадорот на Романија во Република Македонија, Виорел Станила, кој даде поддршка на зацврстување на соработата во полето на туризмот меѓу двете земји.
Целта на меморандумот е поддршка и промовирање на деловното опкружување во областа на туризмот како во Романија така и во Македонија, размена на информации во областа на туризмот, зголемување на протокот на туристи и туристичките понуди, како и можности за искористување заеднички европски фондови поврзани со туризмот преку развивање специфични услуги и привлекување директни инвестиции.
„Романија е сериозно заинтересирана да го развива туризмот со Македонија имајќи ја предвид близината на двете земји. Меморандумот што денес го потпишавме значи дополнителен чекор во зацврстување на соработката меѓу реномираните туристички агенции од двете земји. Тур-операторите кои веќе ја имаат вклучено Македонија во нивните продажни каталози кои детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам за Македонија, но и за Балканот, како и за летен туризам во Охрид. Наша цел е романските туристи да ја посетуваат Македонија на ранг на полските и холандските туристи, но за реализација на ова, покрај близината меѓу двете земји, потребни се посистемски приод и директна авиолинија“, изјави Керим.
Преку потпишувањето на овој протокол за соработка го остваривме првиот важен чекор кон остварување соработка помеѓу туристичките агенции од Романија и Македонија, истакна Станчулеску.
„Да не заборавиме дека во Македонија се наоѓа балканскиот Ерусалим, прекрасниот Охрид. Како што веќе напоменав, ова е само прв чекор што задолжително треба да биде следен од неколку други чекори: заемна поддршка кон привлекување европски фондови наменети за перфекционирање на вработените од оваа економска гранка. Во тој поглед романските компании би можеле да бидат од огромна помош за македонските компании, понатаму отворање нова авионска линија помеѓу Романија и Македонија, со база во Охрид, како и заемна поддршка кон привлекување други пазари, како што предвидуваат истражувањата на Светската туристичка организација“, изјави Станчулески и додаде дека би сакале заедно со ТУК и господинот Керим да ги стави во практика во најкус можен рок сите одредби од овој меморандум за соработка.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во периодот јануари-декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен 16,6 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување од 6,3 отсто, а кај странските од 23,5 отсто. Во периодот јануари-декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен 12,8 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување од 5,2 отсто, а кај странските од 22,8 отсто.
Според трговската размена, Романија е меѓу десете најголеми трговски партнери на Република Македонија, поточно минатата година била на деветто место, со трговска размена од 422 милиона американски долари, извозот е 176 милиони американски долари, а увозот 246 американски долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.