Економија
Бабовски: Исплатени 5,5 милиони евра за субвенции за одржување овошни насади
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој им исплати 5,5 милиони евра субвенции за одржување овошни насади на 9.146 земјоделци. Во оваа сума спаѓаат субвенции за јаболка, сливи, круши, кајсии, вишни, цреши, јагоди, малини, капини, боровинки, дуњи, мушмули, маслинки, јапонско јаболко, аронија, рибизла, гоџи бери, бадеми и лешници. Со денешната исплата на субвенциите за одржување насади со јаболка, МЗШВ заедно со Платежната агенција ги исполнува сите барања на производителите на јаболка и порано од рокот што го бараа овоштарите, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
„Иако на средбата со производителите на јаболка рековме дека исплатата на субвенциите ќе биде до крајот на овој месец, сепак, поради специфичната состојба во која се наоѓа оваа категорија производители, а пред сè, и поради периодот кога овоштарите треба да ги извршат агротехничките мерки во овоштарниците, како и подготовка пред нова реколта, заедно со сите вработени вложивме максимален напор во најбрз можен рок да се обработат сите апликации и субвенциите да се исплатат и пред ветениот датум“, изјави Бабовски.
Притоа посочи дека претходно беше прифатено барањето на производителите на јаболка за продолжување на мерката за дополнителни субвенции од 3 денари, која се продолжува до 30 јуни годинава. Со оваа одлука се очекува да се откупат до 30.000 тона јаболка, што се нови 90 милиони денари за производителите на јаболка. „Ќе го исполниме и барањето на производителите на јаболка во однос на исплатата на оваа дополнителна поддршка од 3 денари, односно ќе биде исплатена како што бараат до 30 јуни. Во новата програма за директни плаќања 2019, во согласност со препораките на Европската Унија дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка е трансформирана во субвенцијата од површина. И оваа година во новата програма субвенциите за одржување насади се зголемени, и тоа од 39.000 денари за хектар на 50.000 денари, со тоа што овоштарите имаат дополнителни и 15 отсто за подрачја со огранични можности над 700 метри надморска височина и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари за хектар“, изјави Бабовски.
Директорот на Платежната агенција потенцира дека заеднички со МЗШВ континуирано се работи на создавање поволни услови за развој на земјоделството и создавање производи со додадена вредност. Заклучно со денешната исплата на субвенциите за овошни насади, од почетокот на годината досега се исплатени 40,5 милиони евра за субвенции за полјоделство, за раноградинарство, за лозарство, за сточарство. Воедно, Бабовски информира дека со оглед на тоа што завршува откупот на тутунот, штом завршат сите административни процедури во врска со контролите, ќе следува и исплатата на субвенциите за производителите на тутун.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.