Економија
Камчев и Станисављева се откажаа од МПМ
Компаниите „Орка Холдинг“ управувана од Јордан Камчев и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисаљева излегоа од сопственичката структура на „Графички центар ДОО“, долгогодишен сопственик на Македонија Медиа Принт (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, порталот „Телеграф“, магазинот „Теа модерна“, пишува „НоваТВ“.
Според тековните состојби издадени од Централниот регистер на Македонија побарани од НОВАТВ, на 31 јануари 2017 сопственици на МПМ преку „Графички Центар“ се „Орка Холдинг“ водена од Јордан Камчев, „Мирекс Плус“ во сопственост на Срѓан Ќерим и „Интерент Инвестмент Груп“ во сопственост на Јана Станисављева коајшто претходно ја презема оваа компанија од српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.
Според последните издадени документи од МПМ сега сопственици се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, кој што е сопственост на МПМ или, во превод, Камчев и Станисаљева го оставаат Срѓан Керим како единствен сопственик на оваа издаваштво. Јана Станисављева останува на позицијата генерален директор на МПМ.
Овие крупни промени во сопственичката структура се случуваат непосредно по најавите за штрајк на вработените во трите дневни весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ поради неисплатени плати и хонорари.
Имено, како што соопшти синдикаот на весниците во четврток, дневните весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ од утре (петок) го започнуваат штрајкот кој го најавија пред две седмици.
До менаџментот на „Медиа Принт Македонија“ веќе е доставено известување за стапување на вработени во трите весници во штрајк, откако менаџментот не го испочитува барањето за разговори, како и времето од две седмици за евентуална медијација.
Според известувањето на Штрајкувачкиот одбор, но и на ССНМ, а со кое е запознаен менаџментот на МПМ, вработените првите два дена ќе штрајкуваат по четири часа, а веќе од понеделник штрајкот ќе трае шест часа:
Одлуката за штрајк е доставена до менаџментот, како и известувањето за започнување на штрајкот.
Инаку, од пред неколку дена, како сопственик на трите дневни весници се јавува фирмата „Телеграф ДООЕЛ“, што претпоставува и промена на сопственчката структура, и покрај тоа што МПМ сè уште ги нема реализирано своите обврски кон вработените. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.