Економија
Македонија учествува на најголемиот саем за туризам во Берлин
Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТРМ) и оваа година се промовира Македонија на најголемиот саем за туризам во Берлин.
Акцентот на промотивните активности се става на активен туризам, но и културните и природните туристички знаменитости на Македонија. За време на саемот се одржуваат многу активности, но голем фокус е даден на претстојната конференција на Пацифик-Азиската Туристичка Асоцијација “PATA”.
„Денеска на свечениот коктел на “PATA”, во организација и покровителство на “ITB” беше промовирана Глобална Конференција (PATA Global Insights Conference -PGIC) како дел од Самитот за туризмот 2017 кој ќе се одржува во Македонија пред гости од целиот свет. Ова е идеална прилика Македонија да ги собере на едно место важните чинители во светскиот туризам, но и да се претстави како дестинација којашто е во интензивен подем. Овој тип на промотивни алатки овозможуваат брза и ефикасна промоција и воедно брендирање и позиционирање на земјава повисоко во светската туристичка индустрија, а со тоа и зголемување на бројот на туристите и девизниот прилив од туризмот”, изјави директорот на АППТРМ, Лела Крстевска.
Оваа година има посебно голем интерес од приватниот сектор за учество на “ITB” и на штандот на Македонија својата понуда ја изложија македонските туроператори, Бадем тур, Вардар експрес, Фибула, Глобус травел, Бтб турс, Буши ресорт и спа и Гобалканс.
Тоа што заслужува внимание е потпишување на меморандум за соработка меѓи JICA (Japanese international cooperation agency) и Македонија, којашто заедно со останатите балкански земји како Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе го промовираат балканскиот регион во Јапонија. На состанокот учествуваше македонскиот приватен сектор, и истите беа поканети во Токио на бизнис средби со јапонските туристичките чинители за да отпочнат соработка.
Секоја година се зголемува посетата на “ITB” од странски тур оператори, асоцијации, медиуми и различни чинители во туризмот. Туристичката понуда оваа година е претставена во 24 хали и излагачи од 5 континенти, 187 земји, 1000 најдобри квалификувани купувачи, 10.000 изложувачи, 26.000 конференциски посетители, 60.000 приватни посетители, 120.000 трговски посетители./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.