Економија
(Видео) Почнува проектот за поврат на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните
Од 1 јули 15 отсто од платениот ДДВ се враќа кај секој граѓанин со наполнети 15 години. Денеска, Управата за јавни приходи, заедно со премиерот Зоран Заев и со министерот за финансии, Драган Тевдовски, го најави почетокот на мерката.
Во изминатиот период тим составен од Управата за јавни приходи заедно со Министерството за финансии работеше на креирање модерен, брз, ефикасен и едноставен начин преку кој граѓаните ќе може да го искористат своето право за поврат на ДДВ.
Од 1 јули фискалните сметки веќе нема да претставуваат парче хартија што ќе ги потсетува граѓаните само на парите што ги потрошиле, туку и на парите што ќе им се вратат.
По почетокот на повратот на 15 отсто ДДВ кај граѓаните, на секој граѓанин ќе му биде навистина важно дали фискалната сметка во нивните раце е валидна или за производот што го купиле некој им издал незаконска фискална сметка и со тоа им го скратил правото да остварат враќање на ДДВ.
Апликацијата „Мој ДДВ“, што граѓаните ќе ја користат од 1 јули, дозволува скенирање само на валидни фискални сметки. Со скенирањето на баркодот системот на Управата за јавни приходи ги вчитува сите податоци од фискалната сметка, а незаконските компјутерски сметки системот нема да ги препознае. На овој начин граѓаните ќе знаат дека тој што им издал ваква сметка им го скратил правото да им бидат вратени пари како заштеда, еднакво како и даночните обврзници што не издаваат фискални сметки.
„Затоа, веруваме дека благодарение на оваа мерка Управата за јавни приходи и граѓаните ќе станат партнери во борбата против сивата економија. Преземајќи ја улогата на инспектори, граѓаните ќе инсистираат на издавање фискални сметки и дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места каде што фискални сметки не се издаваат и може да ги пријават во Управата за јавни приходи. ‘Мој данок, моја заштеда’, е мотото на оваа мерка. Со плаќањето данок граѓаните вложуват во напредокот на државата. Сега првпат дел од ДДВ-то ќе се враќа назад кај нив и токму затоа граѓаните не заслужуваат и не смее да толерираат неиздавање фискални сметки или издавање неважечки фискални сметки“, велат од УЈП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.