Економија
„Самсунг“ повлекува три милиони машини за перење алишта
По фијаското со паметните телефони, кои се прегреваат и се палат, корејски Самсунг, еден од водечките производители на апарати за домаќинство, доби уште еден удар – американските власти најавија повлекување на речиси три милиони машини за перење алишта произведени од Самсунг, по неколку извештаи за повреди, вклучително и скршена вилица, поради претерани вибрации.
Пред еден месец, корејскиот производител повлече од пазарот ширум светот милиони свои паметни телефони „Galaxy Note 7″ поради мистериозниот проблем од кој батеријата на телефонот се прегрева и се пали.
Компанијата престана во потполност да го произведува тој модел на телефони, а проценката е дека тој пропуст ќе ја чини фирмата 5,3 милијарди долари.
Самсунг објави дека повлекувањето на машините за перење алишта ќе го опфати пазарот во САД и Канада, иако таму немаше пријави за повреди.
Во 2013 година Самсунг од Австралија ги повлече машините за перење алишта, затоа што имаа проблем со струјата и беа причина за пожари.
Самсунг на сопствениците на тие машини им нудеше бесплатна поправка, но не и враќање на парите или замена за друг уред, иако така е пропишано во австралискиот закон.
На најавеното повлекување му претходеа неколкунеделни преговори меѓу Самсунг и властите од САД, по пријавата дека некои барабани може да предизвикаат толку јаки вибрации што некои машини се распаднале.
Самсунг, летоска во Тексас, Индијана и во Џорџија тужеа неколку купувачи кои рекле дека машините едноставно експлодирале.
Во соопштението, Одборот на САД за безбедност на потрошувачлите производи наведува 733 случаи а прекумерни вибрациии на машините за перење на Самсунг и девет извештаи за повреди, меѓу кои скршена вилица и изместено рамо.
Самсунг објасни дека тој проблем настанува кога постелнината или други кабасти предмети се центрифугираат на голема брзина.
Компанијата нуди бесплатна поправка или попуст при купување нов апарат, а оние кои купиле машина во последните 30 дена може да добијат потполна надокнада.
Од пазарот се повлекуваат 34 модели машини во кои алиштата се ставаат одозгора, произведени во 2011 година, а чинеле 450 до1.500 долари./крај/о/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.