МАКФАКС

ОРМ обезбеди широка поддршка за предлозите за измени на законите за извршување и за нотаријат

ОРМ обезбеди широка поддршка за предлозите за измени на законите за извршување и за нотаријат
15.03.2017, 16:22

Иницијативата на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) за измени и дополнувања на законите за нотаријат и за извршување добија поддршка од најголемите стопански комори во земјата, од компании кои членуваат во нив, како и од нотарската и комората на извршители на Македонија.

Поддршката на иницијативата е обезбедена откако претходно работната група на ОРМ составена од искусни професионалци од бизнис секторот, предложи конкретни текстови за измени и дополнувања на споменатите закони кои беа детално разгледани од сите заинтересирани компании, организации и комори.

„Досегашната дебата по оваа наша иницијатива и предложените текстови за измени и дополнувања на законите за извршување и за нотаријат покажа дека кај бизнис секторот во земјата постои висок степен на согласност дека спорните одредби во овие закони со кои од почетокот на оваа година на правниците кои работат во компаниите им е оневозможено целосно да ги застапуваат интересите на своите компании, мора да бидат отстранети од правниот поредок на земјата“, оцени претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, нагласувајќи дека „обезбедената голема поддршка за оваа иницијатива претставува дополнителен мотив за Организацијата на работодавачи да продолжи активно да го застапува интересот на бизнис секторот по ова прашање, ставајќи го меѓу приоритетните предлози кои ќе бидат доставени на разгледување и усвојување пред новата Влада и во Собранието на РМ“.

Инаку, со последните измени и дополнувања на Законот за извршување и на Законот за нотаријат, кои стапија на сила на почетокот на оваа година, а беа донесени без претходни пошироки консултации со бизнис секторот, меѓу останатото адвокатите добија ексклузивно право да ги застапуваат компаниите во нотарските и постапките за извршување на договори кои надминуваат 10.000 евра во денарска противвредност.

На ваков начин, правниците во компаниите и покрај тоа што се работи за високостручни лица со положен правосуден испит и големо практично искуство се ставија во подредена позиција во однос на адвокатите, а истовремено се зголемија и трошоците на компаниите за водење на овој вид правни постапки.

За експертите, нееднаквиот третман на правниците во компаниите, наспроти адвокатите, претставува директна дискриминација која е наметната со споменатите законски акти, што само по себе го отвора прашањето за нивната уставност. Дополнително, според Законот за парнична постапка, но и според европското законодавство, адокатите не се и не можат да бидат единствено надлежни за обезбедување правна помош. Тие се само дел од единствената правна професија и имаат исто знаење и способности како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит.

Во реализација на оваа и останатите активности кои се од интерес на социјалните партнери, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија добива поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. /крај/со/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *