Македонија
Конференција: Crowdfunding е иднината на финансирањето
Алтернативниот модел на групно финансирање (crowdfunding) crowdfunding не е бунар за исполнување желби, но е дефинитнивно иднината на финансирањето.
Ова е заклучокот од Првата crowdfunding конференција која се одржа во сабота во Скопје, во организација на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој Скопје.
Целта на оваа конференција е да ги запознае граѓаните од Македонија со концептот на crowdfunding, како алтернативен начин на финансирање на проекти и идеи, како и да понуди вештини за спроведување на crowdfunding кампањи.
Конференцијата ја отворија претставници на Здружението, кои накратко ја претставија целта на конференцијата и го презентираа првиот водич за спроведување на crowdfunding кампањи, изработен нивна страна, во соработка со тимот на Final Frontier Games.
Како прв говорник, честа да ја отвори конференцијата ја имаше Ивана Крстевска, еден од основачите на Final Frontier Games, компанија за креирање на друштвени игри, која во 2016 ја спроведе најуспешната crowdfunding кампања од Македонија.
Крстевска напомена дека да се спроведува да се работи на crowdfunding проект е исто како и било која друга работа, било кој друг бизнис. Не секој проект завршува успешно. Бара посветеност и темелност. Кај crowdfunding кампањите, идеите не треба да бидат случајни, туку комплетно испланирани.
„Crowdfunding-от налага одредени одлуки, кои мора цврсто и решително да ги донесете и од нив нема отстапки. Ваквите одлуки се однесуваат на изборот на најдобрата платформа, сумата на пари која ви е потребна и детален план за сите чекори од кампањата. Луѓето се скептични и мора да се убедат дека нивните пари одат на сигурно место!“, дополни Крстевска.
Потоа се обрати Лука Пишкорич, основач на Полигон- креативен центар од Словенија, кој е исто така дел од тимот на иницијативата „Slovenia Crowdfunding“.
Тој ја посочи важноста од искористување на капацитетите на локалните заедници, особено капацитетите на младите креативци, за успешно спроведување на една crowdfunding кампања.
„На локално ниво постојат голем број креативци кои можат да придонесат за вашата кампања. Искористете ги нив бидејќи со тоа истите ги вклучувате, придонесувате за заедницата, но и за успехот на вашата кампања“, посочи Пишкориќ.
Марко Греговиќ, основач на Бродото- агенција за социјален импакт, специјализирана за кампањи, дизајн и медија, воедно и организатори на годишната Zagreb Crowdfunding Convention, во својот говор потенцираше дека crowdfunding пазарот е отворен за секаков вид на идеи, од патувања, до идеи за започнување бизнис. Според него, за да се започне кампања не се потребни идеални услови и многу средства.
„Се што ти е потребно за една кампања е добра идеја, добар тим, персонален компјутер, телефон и интернет. Тоа е се!“, наведе Греговиќ.
Последниот говорник на конференцијата, Сем Вакнин, економски аналитичар и коментатор, поранешен брокер, инвеститор, банкар и финансиски советник на влади и корпорации низ светот, ја потенцираше важноста од тимска работа и соработка со што е можно поголема група на луѓе при спроведување на crowdfunding кампања.
„Здружете се во тим и остварете партнерство со други луѓе. Колку е поголем тимот, толку е поголема шансата за да остварите успешна crowdfunding кампања“, порача Вакнин.
Во вториот дел од конференцијата, присутните имаа можност да учествуваат на една од четирите работилници и да ги зајакнат своите капацитети за различни сегменти од процесот на спроведување на crowdfunding кампањи, односно за тоа како да ги мотивираш и задржиш своите поддржувачи, насоки за успешна кампања, насоки за комуникациска стратегија и важноста од вмрежувањето и контактите.
Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Одржливост преку алнтернативни начини на финансирање“, имплементиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, во партнерство со Final Frontier Games, поддржан од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во рамки на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“ со поддршка на Британска амбасада Скопје. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.