Македонија
Шести увоз на струја во јануари
Сите електроенергетски капацитети во Македонија се во лоша состојба и не можат да произведат доволно струја за да се покријат домашните потрошувачи. Поради оваа причина Македонија интензивно увезува струја, од Божиќ до денес, потрошени се 4,2 милиони евра за вкупно пет увезувања, а веќе е закажано и шестото за овој месец.
Хидроцентралите и термоцентралите во Македонија би имале капацитет да ги задоволат сите овие потреби, но со оглед на тоа дека дел од акумулациите се замрзнати, нема доволно залихи на јаглен, а дел се расипани, тие не се во можност да ја обезбедат доволната количина на струја.
Се очекува новата набавка на струја да чини 1,5 милиони евра со што ќе се достигне потрошувачка од шест милиони евра за неполн месец. Во Македонија се потребни нови термоенергетски капацитети, бидејќи земјата всушност, има енергетски потенцијал, но не постојат објекти преку кои што таа струја би дошла до домаќинствата.крај/мф/дѓс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Работилници за одржлив туризам оваа недела во Скопје и Крушево
Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите. Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.
Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.
Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.
„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија
„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.
„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“
„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции.”- изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.
Економија
Дизелот од полноќ поевтин за 0,50 денари, цените на бензините остануваат исти
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,38 oтсто во однос на одлуката од 8.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,536%, кај дизелот намалувањето е за 0,730%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,580% и кај мазутот намалувањето е за 2,057%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,362%
Од 16.4.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 86,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 88,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 77,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,302 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,871 ден/кг и сега ќе изнесува 44,302 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.