Македонија
Груевски: 2.000 дебело платени бојосувачи, нема да ја нарушат економската стабилност на земјата
Македонија, во време на воен конфликт во 2001 година, не дозволи да девалвира, тоа не се дозволи ни за време на светската економска криза, ниту за време на европската должничка криза, а нема да се дозволи ни сега, кога 2.000 дебело платнеи луѓе, бојадисуваат згради и споменици и мислат дека прават револуција, порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Дури и во десет пати полоша криза од оваа, државата и Централната банка имаат механизми да менаџираат со предизвиците и да не дозволи ниту девалвација, ниту под прашање да се доведат заштедите на граѓаните. Јас бев министер за финансии за време на конфликтот во 2001 година. Во земјата имаше вистинска војна. Бев премиер во време на најголемата светска финансиска криза во последните 80 години, и веднаш потоа европската должничка криза, кои имаат директно и силно негативно влијание на нашата економија. Ние тогаш не дозволивме да дојде до такво нешто, а камоли сега со 2 илјади дебело платени луѓе, кои ги бојадисуваат зградите и спомениците и се замислуваат дека прават некаква револуција“, вели Груевски во последниот дел од интервјуто за Телеграф.Груевски појаснува дека не смета оти сите што протестираат тоа го прават за пари, „но една третина до една половина се дебело платени од организаторите, главно НВО. И тие се најголем дел од агресивните. Тоа се луѓе што не само што се платени, туку живеат од тоа плаќање. Големи пари се трошат за сето ова. Останатите се мешавина од активисти на СДСМ кои доаѓаат по партиска задача на секој можен протест против нас“.
Груевски во интервјуто зборува за идните планови на полето на економијата и дека е задоволен што во само 7-8 дена почнаа три нови инвестиции, „кои ќе отворат над 2.000 директни нови работни места. Тие сигурно ќе отворат и 500-600 индиректни работни места“.
„Тоа е нешто што многу ме радува. Тоа е конкретно и директно решавање на најгорливиот проблем на граѓаните, невработеноста. Нешто што беше и во врвот на моите приоритети во сиот изминат период и еден од главните мотиви да влезам во политиката. Да потсетам, стартувавме со околу 38 отсто невработеност, а ја сведовме на 24,6 отсто. Од вкупно 560 илјади вработени луѓе во земјата во 2006, стигнавме до над 710 илјади, или над 150 илјади новоотворени работни места. Колку и сè уште да е висока невработеноста, пред 10 години за многумина оваа бројка беше само сон и изгледаше недостижно“, вели Груевски.
Најави дека планираат втора фаза на проектот „Македонија вработува“, кој околу 19 илјади вработувања во само една година и се покажа за високо успешен.
Груевски очекува овие проекти да проидонесат и за зголемување на платите, па така на пример „ако еден работодавач има на располагање илјадници невработени што би работеле за, на пример, 200 или 300 евра месечно, зошто тој би плаќал повеќе. Но ако има многу малку такви, и згора на тоа поспособните веќе се вработени, а нему му требаат такви, тогаш тој самиот, без некој да го тера, без штрајкови или владини интервенции, ќе почне да нуди повисоки плати“.
Груевски не се согласува со констатацијата дека ги запоставува домашните инвеститори за сметка на странските, затоа што и тие отвораат сè повеќе нови работни места, но главниот генератор на извозот станаа новите странски инвестиции, што е нормална појава, тие се економски посилни и со поголеми капацитети.
„Во слободните економски зони влегоа и првите две македонски фабрики што ги исполнуваат условите и кои го побараа тоа. Едната веќе се гради, втората се проектира. Добредојдени се и други ако има интерес и ако ги исполнуваат условите“, вели Груевски.Додава дека, политичката криза се одразила и се уште се одразува на инвестициите и на отворањето нови работни места.
„Успесите ќе беа поголеми ако ја немаше кризата. Иако имаме солидни резултати во едни вакви услови, знам дека ќе имавме уште подобри ако не беше кризата. Лани дури и во услови на политичка криза имавме 30 странски инвестиции. Но некои компании се откажаа или го пролонгираа доаѓањето, пролонгираа посети за преговори во екот на кризата, некои ја пролонгираа одлуката за инвестирање, а некои отидоа во други држави“, вели Груевски.
Опозициската СДСМ ја обвини дека ја искористиле можноста со заменик-министерот за финансии кој имаше право на вето, со цел на веќе усвоениот буџет да му обезбедат обврзница само за половина година, за веќе во месеците пред избори да почнува да снемува ликвидност и да доцнат плаќањата, и кон фирмите и кон граѓаните, пензионерите, социјалните случаи, земјоделците, платите на полицијата, војската, лекарите, наставниците, администрацијата.
„Од СДСМ јавно зборуваат дека ако дошле на власт минималната плата ќе ја направеле 200, а просечната 500 евра, а барем цела Струмица, ако не и пошироко знаат колку плата нивниот претседател им дава на своите вработени во неговите приватни фирми. Плус, просечна плата не се прави со декрет и со политичка одлука, туку со многу нови инвестиции, драстично намалување на невработеноста, и тоа што пред малку го објаснив“, вели Груевски.
Им порача на граѓаните да не наседнуваат на лаги и шпекулации и да не ги повлекуваат депозитите од банките.
„Ниту девалвација ниту што било негативно нема да им се случи на нивните штедни влогови. Само што ако одат по умот на СДСМ ќе си загубат дел од каматите кои требало да ги добијат и се изложуваат на ризик од кражби ако парите ги чуваат дома во готовина“, вели Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најавува и дека сите почнати и најавени проекти ќе продолжат како 40 нови проекти за младите луѓе, пет нови и многу крупни за земјоделците, субвенциите за греење на пелети наместо на дрва и плановите, но и постапките за градба на гасоводите во делот на екологијата и повеќе други од различни области, како на пример, според квалитетот, формирање елитна математичка гимназија, градба на општа гимназија во општина Аеродром, проектот „Купи куќа за млади“ и повеќе други. За проектот „Купи куќа на село“, исто така, се подготвуваат законските измени за да проектот биде овозможен./крај/т/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Работилници за одржлив туризам оваа недела во Скопје и Крушево
Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите. Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.
Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.
Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.
„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија
„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.
„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“
„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции.”- изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.