МАКФАКС

Дали СЈО смее да ги уништи прислушуваните материјали?

Дали СЈО смее да ги уништи прислушуваните материјали?
19.04.2017, 14:48

„СЈО мора веднаш да ги уништи незаконски прислушуваните приватни разговори“,  „Закани со „бомби“ во Собранието: СДСМ не се откажува од нелегалните снимки“. Под овие наслови дел од медиумите пласираа информација дека Специјалното јавно обвинителство треба да ги уништи прислушуваните материјали, на кои има само приватни разговори, односно каде нема индиции за сторени кривични дела. Во прилогот на ТВ Сител соговорник е поранешниот министер за правда Михајло Маневски, чиј глас се слуша токму во „бомбите“ на опозицијата. Неговата теза е дека незаконски прислушуваните снимки кои се само од приватни разговори треба да се уништат за да не служат како „средство за уцена“.

„Согласно членот 25 од Законот за следење на комуникации и согласно членот 151 од Законот за кривична постапка, тие материјали мора веднаш да се уништат. Значи, тие материјали не се во никаква функција за водење некаква постапка. Овие приватни разговори не се во никаква функција. Тие може да бидат само злоупотребени, тие може да бидат искористени само да се навлегува во чувствата, во интимата на луѓето, и граѓаните на РМ не може да бидат држени во заложништво со толкав голем број  нелегално прислушувани разговори“, изјави за Сител, Михајло Маневски.

СЈО не смее да ги ништи прислушуваните материјали

Во својата суштина, сите разговори од прислушуваните материјали кои СДСМ ги достави до СЈО се приватни, но во кривично гонење се проследуваат само оние кои содржат индиции за извршени кривични дела. Законот за следење на комуникациите, на кој се повикува поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, во својата суштина е нерелевантен за ова прашање бидејќи, прислушуваните материјали се прибавени на незаконски начин, и според тоа не подлежат на овој правен норматив.

Имено, Маневски се повикува на член 25-а од Законот за следење на комуникациите,кој гласи: „Материјалот од ставот 1 на овој член се чува сè до донесувањето на правосилна пресуда во кривичната постапка во која тој материјал се користел како доказ, а потоа се ништат согласно со членот 26 од овој закон“. Ништењето на податоците на кое се повикува Маневски предвидува дека судот во рок од 15 дена донесува посебно решение за ништење на податоците, но по правосилноста на одлуката во кривичната постапка, што била водена против лице чии комуникации биле следени. Ништењето, според Законот, го врши комисија составена од судија, јавен обвинител и лице овластено од министерот за внатрешни работи, но тоа е во случај, само кога е изречена правосилна судска пресуда. Досега за предметите на СЈО нема донесено ниту една правосилна судска пресуда затоа што најголемиот дел од предметите сè уште се во фаза на истраги, а покренати се две обвиненија. Оттука, оваа аргументација на Маневски е неиздржана.

Членот 151 од Законот за кривичната постапка, пак, на кој исто така се повикува Маневски, го определува менувањето на висината на гаранцијата против осомничениот и никако не е поврзан со ништењето на материјалите од незаконското следење на комуникациите.

Освен тоа, Законот за формирање на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – Службен весник 159 (2015 година), никаде не пропишува дека материјалите од кои не произлегуваат индиции за криминал треба да се уништат.

Нема податоци дека приватните разговори на социјалните медиуми протекле од СЈО. Пред самото обвинителство има покренато предистражни постапки за приватните разговори кои протекоа во јавноста.

Објава на приватни разговори кои ја засегаат јавноста

 

Дополнително, Венецијанската комисија при Советот на Европа во препораките до Македонија од 16 март 2016 година, препорача ревизија на Законот за заштита на приватноста, кој го регулира ова прашање и притоа посочи дека треба да се дозволи објавување материјали од бомбите кои ја засегаат јавноста.

„Законот за заштита на приватноста треба да дозволи објавување материјали кои ја тангираат јавноста и отвораат прашања од јавен интерес, со некои тесно дефинирани исклучоци, кои се однесуваат на јавните објавување информации за интимните аспекти на приватниот и семејниот живот“, пишуваше во препораките.

Обвинителите од СЈО во третиот извештај напишаа дека од вкупниот број на анализирани разговори 272950 издвоени се 90618 аудио-фајлови со времетраење од 2030 часа за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори.

Васко Маглешов

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *