Маневски: СЈО е должно веднаш да ги уништи прислушуваните разговори

Маневски: СЈО  е должно веднаш да ги уништи прислушуваните разговори

На 10.04.2017 година објавивте напис со наслов “Дали СЈО смее да ги уништи прислушуваните материјали?”, во кој се коментираат моите  изјави дадени за Телевизија Сител на 18.04.2017 година. Го користам моето Уставно право да дадам одговор на објавениот напис на новинарот Васко Маглешов и молам да го објавите.

Парафразирајки ги моите ставови во однос на прислушуваните материјали, новинарот самиот одговара на насловот на темата и паушално наведува дека СЈО не смее да ги ништи прислушуваните материјали!. Просто неверојатно и зачудувачки. Добро ќе беше за ова свое тврдење да дадеше макар еден валиден законски основ. Да имаше таков законски основ, сигурно ќе го наведеше, но таков законски основ нема.

Не е никаков аргумент тоа што се наведува дека Законот за СЈО “никаде не пропишува дека материјалите од кои не произлегуваат индиции за криминал треба да се уништат”. Законот за СЈО содржи само некои основни одредби во врска со организацијата и работата на тоа обвинителство. Токму поради тоа, во членот 1 став 2 од овој Закон се пропишува дека “за се што не е уредено со тој закон, ќе се применува Законот за Јавното обвинителство и останатите позитивни законски прописи во РМ”. Тоа значи дека СЈО ги применува одредбите од Законот за Kривичната постапка, Кривичниот Законик, Законот за следење на комуникациите, Законот за заштита на сведоци и многу други закони.

Во членот 261 од Законот за кривичната постапка се наведува дека ако јавниот обвинител се откаже од кривичното гонење или ако собраните податоци немаат значење за водење на постапката ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник.

Според членот 25 од Законот за следење на комуникациите, податоците собрани со следење на комуникациите не можат да се употребат како доказ во кривичната  постапка,  кога  следењето  е  извршено  спротивно  на постапката утврдена со Законот, како и кога следењето не е извршено во согласност со одредбите на Законот за кривичната постапка. Во таков случај податоците се ништат согаласно член 26 од Законот.

Според параграф 100б став 6 од Законот за кривичната постапка на СР Германија, “кога ќе престане потребата од документите што се добиени со мерката за целите на кривичното гонење, тие веднаш треба да се поништат под надзор на јавното обвинителство“.

Нема никаков правен основ СЈО да држи материјали  од чисто приватни разговори

Во третиот Извештај на СЈО од 15 март 2017 година се потврдува дека биле преслушани  272.950 аудио фајлови или 45% од вкупниот број.

Од преслушаните разговори  СЈО утврдило дека:

–  90.618 аудио фајлови се приватни разговори, со времетраење од 2.030 часа;

–  во 181.372 случаи не утврдиле индиции за сторено кривично дело; и

– биле издвоени 960 транскрипти, каде што врз основа на преслушаните разговори имало индикации  дека е сторено кривично дело.

Може ли воопште СЈО да се најде еден разуман разлог да држи 90.618 аудио фајлови за чисто приватни разговори? Зошто СЈО држи 181.372 фајлови за разговори од кои не утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело?. Нема ниту законски, ниту етички, ниту морални причини СЈО да држи чисто приватни разговори и огромен број 181.372 фајлови за разговори од кои не утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело. Зошто СЈО ги чува овие материјали? Каква му е целта? На кого му се потребни тие материјали?. Дали тие материјали се чуваат да послужат за уцени и подметнувања какви што имаше случаи во практиката.

Злоупотреба на приватните разгвори                           

 Како се пронајдоа 70 илјади разговори кај обвинетиот Захир Бекири “Чаушот”, партискиот другар на Зоран Заев? Уште кај колку “чауши“ се наоѓаат нелегално снимени разговори, подготвени да ги употребат, како што беше сторено за уцени и закани, за продажба по пазари од профитери и пробисвети, со кои се нарушува елементарното чевеково достоинство. Ништо не е поштедено од големите криминалци, ниту најимнтимните чувства на луѓето?. И сами наведувате во вашиот напис дека не се објавуваат информации “кои се однесуваат на јавнo објавување информации за интимните аспекти на приватниот и семејниот живот“.

Сите материјали од прислушуваните разговори кои не се во функција на постапката, мора веднаш да се уништат.

Разговорите се разговори, зборовите се зборови, но тие не се факти. Никој нема право да врши глобална тортура и уцена на граѓаните на Македонија. Никој нема право да ги повредува основните човекови права на слободна комуникација, приватност и интима.

Никој  нема право граѓаните да ги држи во заложништво  

Никој  нема право со искористување и злоупотреба на положбата, па ниту СЈО, да ги држи граѓаните во заложништво со нелегално снимени приватни разговори и разговори во кои нема ниту индиции, а камоли докази за сторено кривично дело. Мотивот да се чуваат вакви материјали спротивно на законите може да има само политичка, а не правна цел.

Обвинителката Катица Јанева е должна да ги почитува Законите  и да ја извести јавноста

Обвинителката Катица Јанева е должна да ги почитува законите и во постапка пропишана со закон да ги уништи материјалите од приватните разговори и материјалите од кои не се утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело. Должна за тоа да ја извести јавноста или да наведе барем еден разлог зошто сака да ги чува тие материјали и за какви цели. Многу е симптиматично што молчи за така крупно прашање за кое посебно е заинтересирана и загрижена јавноста.

На крајот, само ќе подсетам на изјавата на Зоран Заев од 11.02.2015 година објавена во пораталот Либертас дека “личните разговори ќе бидат уништени”. Ќе си достојат ли на зборот?

Михајло Маневски