Без оглас и со авторски договор ангажирани лица во владината пиар-служба

Без оглас и со авторски договор ангажирани лица во владината пиар-служба

Повеќето нови лица ангажирани во Секторот за комуникации во Владата, според одговорите што ги добивме од Владата, имаат авторски договори. „Макфакс“ доби потврда од Владата дека не е објавен оглас за нивните вработувања бидејќи се ангажирани со авторски договор и за ваков вид вработувања не е потребен оглас.

„Новите вработени се ангажирани со авторски договор за извршување специфични работни задачи. Во согласност со македонските закони, за ваков вид ангажман не е потребен оглас за вработување“, велат од Владата за „Макфакс“.

Според експертите за администрација на кои им се јавивме, постојат неколку можности зошто е решено овие лица да се вработат на овој начин.

Објаснуваат дека оние лица што се ангажирани со авторски договор сè уште не се државни службеници, а според природата на нивната работа, би требало да бидат. Ваквиот статус ги збунува и некои од познавачите со кои разговаравме и не е до крај јасно зошто на таков начин е решено да се вработат во Владата бидејќи со авторски договори не може да се направи континуирано вработување.

Една од можностите е дека на овој начин се вработени поради тоа што некои од нив можеби не можеле да ги исполнат условите за вработување во државнатa администрација или не би биле најдобрите кандидати. Според систематизацијата, постојат прецизни услови за вработување на секое работно место, каде што е наведено кое образование треба да е завршено за кое работно место, но на тој начин треба и да подлежат на низа тестови, како тест за државна администрација или психолошки тестови.

Друга можност е итноста на вработувањата со оглед на комплицираната ситуација при преземањето на власта, со што ова е привремено решение за овие вработени.

Професорката Ана Павловска-Данева, пак, која е раководител на Катедрата по административно право и јавна администрација на Правниот факултет и поранешна пратеничка на СДСМ, вели дека во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор премиерот има право да ангажира еден специјален советник од секоја област и специјалните советници може да бидат од која било област што тој ќе ја избере.

„Тој може да избере по еден од секоја област и како советници да ги ангажира со договор. Во времето кога се носеше тој закон јас бев пратеник и бев против оваа одредба бидејќи мислев дека е преголем просторот за дискрециона одлука на претседателот на Владата да вработува, но тогашното парламентарно мнозинство го изгласа. Сè додека не биде сменет законот, тој има право да го направи тоа“, вели Павловска-Данева.

Според информациите што ги добивме од Владата, вкупниот буџет, вклучувајќи ги и трошоците за нововработените во Секторот за комуникации во Владата и портпаролот, во 2017 година изнесува 6.264.360,00 денари, што е сума за шест месеци, од 1 јули до 31 декември 2017 година.

Во Секторот за односи со јавност во Владата работат и 13 лица од претходната гарнитура за кои трошоците за бруто-платата за цела година изнесуваат 5.606.093.00 денари.

„Макфакс“ претходно објави дека во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат односи со јавност (ПР) и комуникации. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно, покажуваат податоците за 2016. Повеќе детали за првиот дел од сторијата на следниот линк.

Во вториот и третиот дел од истражувањето ги објавивме имињата и биографиите на Секторот за односи со јавност во Владата, каде што најмалку 40 лица се ангажирани да работат односи со јавност и комуникации. 13 лица се таму од претходната гарнитура, а годинава во Владата во Секторот за односи со јавност дополнително биле ангажирани 25 лица, како и 1 портпарол и 1 посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на претседателот на Владата.

Кристина Озимец