Кои се новите вработени во Секторот за комуникации на Владата?

Кои се новите вработени во Секторот за комуникации на Владата?

Најмалку 40 лица работат на односи со јавност и комуникации во Владата. 13 лица се таму од претходната гарнитура, додека годинава во Владата во Секторот за односи со јавност дополнително биле ангажирани 25 лица, како и 1 портпарол, и 1 посебен советник за односи со јавност во кабинетот на Претседателот на Влада. Макфакс преку Барање за слободен пристап до информации ги доби имињата на сите нововработени во овој сектор.

Новинари, граѓански активисти и директори на невладини организации, популарни фејсбукџии и твитерџии. Макфакс преку Барање за слободен пристап до информации ги доби имињата на сите нововработени Секторот за односи со јавност. Во Владата од новата гарнитура биле ангажирани 25 лица, 1 портпарол и 1 посебен советник за односи со јавност, додека таму во секторот за информирање се уште работат и 13 лица од претходната гарнитура. Во овој сектор лицата имаат различни обврски а дел од нив се занимаваат со меѓународни односи, истражувања, анализа, медиумски мониторинг или пак се дел од фото/видео тимови.

Во Владата како дел од тимовите за односи со јавност се вработија многу лица кои беа познати во јавноста како критичари на претходната власт, доста од нив беа дел и од граѓанскиот сектор, додека други се сметаат за влијателни на социјалните мрежи. Зошто власта ги одбра токму овие луѓе како дел од новиот тим и дали на овој начин сака да влијае врз критички настроената јавност? Дали беа избрани преку некои специфични критериуми и имаше ли услови кои треба да ги исполнат за да станат дел од државната служба?

„Во секторот за односи со јавност се ангажирани искусни професионалци во областите: меѓународни односи, истражување, анализа и европски интеграции, нови медиуми и дигитална транспарентност, медиумско известување, организација на процеси и настани, медиумиски мониторинг и други, чија основна и едиствена задача е да работат за да обезбедат професионален комуникациски сервис, навремено информирање, транспарентност со цел да ја вратат довербата на граѓаните во институциите“, велат од Владата.

Јавноста веќе го знае портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски. На веб сајтот на Владата, со сите детали за образованието и праксата транспарентно е објавена неговата биографија. Објавен е и неговиот контакт телефон, мејл, Твитер и Телеграм. Тој дипломирал на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за историја. Во моментов работи и на магистерската теза, за Менаџмент на Стратегиски комуникации. Професионалната кариера ја започнал како новинар подоцна уредник и водител во националната телевизија Канал 5 во 1999 година, а станува уредник и водител на централните вести на МРТВ јавниот сервис во 2002 година. Покрај телевизискиот ангажман Бошњаковски соработува со печатени медиуми, како и новински агенции во Македонија – Макфакс, неделник ЗУМ, неделник Форум итн. Тој во 2006 година ја презема улогата на Директор на корпоративни комуникации во Т-Мобиле Македонија, сектор во чија одговорност влегува надворешната комуникација, интерната како и корпоративната одговорност на компанијата. Повеќе детали за неговата биографија на следниот линк.

Марјан Забрчанец од август годинава, е ангажиран како посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата, Зоран Заев. Забрчанец ни ја достави неговата биографија, но во неа не се достапни податоци за формалното образование. Тој работел како ПР менаџер (2007 – 2010) во една од водечките маркетинг и ПР агенции во земјава, New Moment. Во јавноста е најпознат како претседател и извршен директор на Младинскиот образовен форум – МОФ – една од најпознатите младински организации, а оваа организација ја водел од 2003 до 2007 година како и од 2010 до 2014 година. Под негово водство во оваа организација се формираше и Радио МОФ. Тој исто така бил ангажиран и како консултант, соработник или менаџер за неколку телевизиски проекти: Зебра, Еврозум Нова Дебата итн. Раководеше и со граѓанската кампања “Заслужуваме подобро” и ја координираше коалицијата на 80-тина граѓански организации “Граѓаните за Македонија”. Бил ангажиран и како независен консултант за кампањата “За живот во Македонија” за парламентарните избори, декември 2016. Бил член во одборите на неколку организации и фондации (Фондацијата Отворено Општество Македонија, Реактор-истражување во акција, Асоцијацијата за борба против рак БОРКА, Транспарентност Македонија). Инаку тој е долги години близок и со Бојан Маричиќ, кој е во кабинетот на Зоран Заев, а претходно беше директор на невладината Македонскиот центар за европско образование.

Во Секторот за комуникации во Владата работи и Мила Стаменова. Таа учествувала на конференцијата „Поинт“ во Сараево, каде е достапна и нејзината биографија. Таму е наведено дека била менаџер на националната кампања на СДСМ за парламентарните избори 2016 „За живот во Македонија“. Работела на развивање на комуникациска стратегија и консултација на односи со јавност. Дополнително, наведено е дека таа ги  координирала дневните активности со аналитиката и тимовите за социјални медиуми во Центарот за комуниникации со јавноста. Дипломирала Човечка географија и планирање, а има магистерски студии на Универзитетот Ултрехт во Холандија. Наведено дека нејзиниот фокус бил во приватниот и невладиниот сектор и дека работела како урбанистички експерт за приватна консултантска компанија на студија за дизајнирање зеленило долж реките во Скопје и како фриленс експерт за Регионалниот Центар за животна средина. Неофицијално, низ годините и таа била соработник на проекти на организацијата Младински образовен форум (МОФ).

Во Владата во комуникацискиот сектор исто така работи и Илија Жупаноски, кој е еден од поранешните директори на невладината организација Младински образовен форум (МОФ). Тој на оваа позиција бил три ипол години од 2007 до 2010 година и го наследил Забрчанец во периодот додека работел во New Moment, кој потоа повторно се вратил на чело на МОФ во 2010 година. Долги години работел како координатор на дебатната мрежа во оваа организација и исто така е во пријателски односи со Забрчанец. Жупановски според неговиот профил на Linkedin сега ја води единицата – социјални медиуми и дигитална транспарентност во Владата. Работел и како менаџер за развој на бизнис во компанијата „Октопус“ за иновативни безбедносни информациски системи. Завршил Економски факултет на УКИМ и е магистер по информациски системи на универзитетот Лунд.

Макфакс претходно објави дека во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат односи со јавност (ПР) и комуникации. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно, покажуваат податоците за 2016. Повеќе детали за првиот дел од сторијата на следниот линк.

Продолжува утре…

Кристина Озимец