(ВИДЕО) Кои се невладините кои добија милионски суми од владата на ВМРО-ДПМНЕ?

(ВИДЕО) Кои се невладините кои добија милионски суми од владата на ВМРО-ДПМНЕ?

Здруженија на поддржувачи на протестите „За заедничка Македонија“, оние кои се потпишаа како поддршка на изборите во декември 2016 за Никола Груевски, здруженија на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, невладини организации без адреса или со фантомски адреси. Само неколку вистински здруженија со мали грантови се најдоа на списокот на поранешната Влада за финансирање, колку да се покрие партиското финасисрање со државни пари. Новата Влада во ревизијата одлучи да не ги додели овие грантови. Макфакс истражуваше кој се требаше да го подели огромниот колач – пари на граѓаните.

На листата „наградени“ од поранешната Влада се најдоа луѓе чии имиња најчесто не биле споменувани во јавноста, но откривме дека се тесно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Помеѓу „среќните“ добитници на грантови од 3 милиони денари беше здружението Зона од Кавадарци. Ова здружение на темата „Обединети за подобро здравство“ требаше да добие над три милиони денари. Отидовме на адресата во Кавадарци но наместо седиште на здружение, наидовме на партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту соседите немаа пофални зборови за Никола Деков, претседателот на здружението. Од нив дознавме дека тој е член на партијата.

Техничката Влада одлучила дека Здружението за развој на информатичко општество „Информак“ заслужува да отвори нов интенрет портал и за тоа да го финансираат со речиси два милиони денари. Бевме на струмичката улица Ленинова, каде треба да биде официјалното седиште на здружението, но не најдовме никој. Дека станот каде е впишан Информак не го користи никој подого време говореа и пајажините на вратата. Станарите во зградата 14 на Ленинова не знаеа дека некогаш тука имало здружение.

Отидовме и на адресата на здружението „Европравец“ од Крушево кое од државата требаше да земе над три милиони денари.

Барајќи ги здружението и претседателот Зоран Николовски, наидовме на неговата семејна куќа, но како што дознавме, откако се актуелизираа невладините кои дошле до милионски суми од државата, претседателот на здружението отворил канцеларија во центарот на градот. Бидејќи не го најдовме на неговата адреса, отидовме во меморилјаниот дом на Тоше Проески, каде е вработен 38 годишниот Николовски. Освен вработен во меморијалниот дом, тој е и секретар на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево. Николовски не сакаше да даде никаква изјава, единствено рече дека ќе зборувал за проектот насловен „Етно ехо“ тогаш кога новата Влада ќе му даде три милиони денари, пари за кои како што рече потпишал договор со претходната Влада.

Здружението на граѓани Горанско Друштво, кое на предвремените парламентарни избори потпиша меморандум за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, имаше одлука да земе над 600 илјади денари за проект на темата „Поттикнување на општествено одговорни практики“. Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, кое исто така потпиша меморандум за соработка со ВМРО-ДПМНЕ требаше да добие 615 илјади денари.

Здружението на Прилепски бранители пак, аплицираше за проект за изградба и заштита на културно историски споменици за што претходната Влада одлучила дека треба да добие над 30 илјади денари. Претседател на ова здружение е Гоце Стефаноски, раководител на подружницата на „Македонија пат“ во Прилеп и поддржувач на протестите „За заедничка Македонија“. Во име на Прилепски бранители, тој даваше изјави за протестите поттикнати од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Над 3 милиони денари за проект насловен „Мали заедници – голема ризница“ требаше да добие здружението Сојуз на Македонците со исламска религија на Македонија. На местото на кое треба да се наоѓа бараката на здружението, Општина Центар го гради основното училиште во Капиштец. Доколку се истражува ова здружение, за него не може да се да најде ништо, освен што нивните соопштенија се објавуваат на официјалната Фејсбук страница на Светскиот Македонски конгрес. Во декември 2016 година и ова здружение потпиша соработка со ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори.

Три милиони денари државни пари требаше да бидат доделени и за Здружението Јасна иднина од село Небрегово, Долнени. Оваа невладина во 2009 година спроведуваше црни кампањи во печатените медиуми против тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Здружението е поврзано и со пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска – Старова, која конкурирала за 10 проекти во Брисел, а корисник на еден од проектите е токму „Јасна иднина“. Оваа невладина блиска до пратеничката веднаш по објавувањето на информацијата дека се стопираат овие средства испрати соопштение во кое наведува дека ќе ја тужи Владата.

Здружението за волонтеризам Волонтерски центар – Скопје требаше да добие речиси два милиони денари за темата „Е-медиуми и граѓанско општетство“. Одговор за тоа како ќе се развива темата побаравме од овластеното лице на здружението, Никола Станкоски кој одговори дека проектот за кои требаше да ги добие парите би финиширал со отворање на повеќе интернет портали.

На нашето прашање дали на истата адреса постои здужението за младински активизам Квантум, кое на тема „Средношколска унија на млади“ од претходната влада требаше да земе грант од над два милиони денари, тој кажа дека ова здружение ја користело нивната адреса бидејќи не биле толку активни и немале средства да платат простории.

Станкоски и претходно беше таргет на медиумите, кога од Европските фондови земаше илјадници евра. Спорно е што неговата сестра, Катерина Станкоска била и се уште е дел од Националната Агенција која ги дели европските пари.

Владин грант од над 360 илјади денари требаше да земе и здружението Влашко културно уметничко друштво Питу Гули. Отидовме на адресата која е наведена во централниот регистар како седиште на здружението, но од таму ни кажаа дека во станот живее семејство.

Државата одлучила грант од речиси 308 илјади денари да додели и на здружението „Детски парламент на Македонија за Штип и Карбинци. И оваа организација е регистрирана на домашна адреса на претседателот Виолета Каратунова, но за разлика од другите, таа излезе пред камера и зборуваше за својот проект. Каратунова кажа дека веќе со години користи простории на други невладини, но не се осмелиле да земат своја просторија.

Каратунова не криеше дека и претходно земала грантови од државни институции. Освен Владата, грантови и доделувале Министерството за земјоделство и Министерството за култура.

Владини пари за првпат биле планирани и за здружението Совет за грижи и воспитување на децата на град Скопје за организирање на Златно Славејче 2017. Директорот на здружението, Бобан Јосфиовски телефонски ни изјави дека за него е чудно што тие се последни на списокот.

– Видовме колку е почитувано Златно Славејче кое има своја традиција. Најверојатно државата сметала дека не им треба фестивалот. Ако некој заслужува да земе грант тоа сме ние, секогаш сме работеле јавно и транспарентно. Имаме јавно објавена адреса и редовно вработени, а многу поголеми грантови земаа сомнителни новоформирани здруженија, рече Јосифовски.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски за Макфакс изјави дека одлучил дека најдобро е да се сопрат парите бидејќи имало сериозни индиции за криминал и кривична одоговрност на неколку здруженија.

– Не се дадени документите во целост, недостасува голема документација. Во моментов се води истражна постапка, па затоа не можам да кажам повеќе, рече Рашковски.

Инаку, ова доделување на грантови дојде откако Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека потфрлиле со невладиниот сектор и заради тоа најголем дел од здруженијата биле „соросови“. За десоросоизацијата, Емил Димитриев во функција на премиер распиша конкурс за невладини од над 800,000 евра државни пари. Според Рашковски, ако има нов конкурс, сумата би била многу помала.

Александар Тодески