(ВИДЕО) Центрите за лекување ментални болести како од хорор-филм

(ВИДЕО) Центрите за лекување ментални болести како од хорор-филм

пишува Габриела Димковиќ Мишевска

Затвореноста на институциите за лекување ментални болести за јавноста остава простор за шпекулации што навистина се случува во овие установи. Енигма за јавноста до ден-денес остануваат причините за смртта на 375 лица, колку што починале во изминатите 23 години во Специјалниот завод „Демир Камија“. Непознати се причините и околностите под кои настапила смртта затоа што за ниту еден штитеник досега не била извршена обдукција. Екипи на народниот правобранител секоја година во извештаите посочуваат дека поради недоволно информации се отвораат сомнежи за причините под кои лицата починале.

„Во ниту еден од случаите не е побарана обдукција, односно причината за настанување на смртта. Една од нашите препораки е токму во таа насока. Ги известивме надлежните за ова и тие рекоа дека во иднина ќе се применува оваа мерка. Но, и без да препорачуваме, центарот во Демир Капија има обврска тоа да го бара бидејќи негова обврска е целосно да се грижи за тоа лице“, вели Бајрамовска.

Документите до кои дојде „Макфакс“ потврдуваат дека за починато лице минатата година исчезнало медициското досие во кои се наведени причините за смртта. Починатиот штитеник повраќал измет и имал болки во стомакот. По укажаната лекарска помош во болница во Велес, тој е вратен во Демир Капија по што починал. При надзор на установата од страна на стручна комисија од Министерството за труд и социјална политика било забележано дека недостигаат документи за смртта на починатиот.

„При увидот на досието беше пронајдена изјава на главната медицинска сестра со која потврдува дека досието на починатиот го предала на социјален работник. Но, при прегледот на досието утврдено е дека недостига извештај од лекар од Општата болница во Велес и рендген-снимка на абдоменот. За исчезнувањето на медицинските документи нема иницирано ниту една мерка на одговорност од страна на одговорните лица во установата.“

Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот извештај наведува дека повеќето од смртните случаи се резултат на белодробни заболувања. Повеќето од штитениците кои починале биле неподвижни со длабока ретарадација и сместени во блокот Б2, каде што нема врати на собите, при што тие биле изложени на постојан провев.

„Најголемиот број смртни случаи се резултат на бронхопневмонија, што укажува дека се работи за лица со слаб имунитет, а дополнително е влошена состојбата и од несоодветната исхрана. Во овој дел каде што престојуваат нема доволно чист воздух“, вели Пировска.

Дека условите се супстандарди услови и нема соодветна грижа и недоволен стручен персонал алармира и омбдусманот. За здравјето на оваа категрорија лица со најтешко ментално нарушување се грижи само еден лекар кој доаѓа на повик бидејќи не е постојано вработен во домот. Забележано е дека неподвижни лица биле оставени сами на себе, лазеле по подот, каде што течат фекалии.

„Загрижувачки се условите од хигиенски аспект во санитарните јазли, кујната, собите за дневен престој… каде што, за жал, утврдивме фекалии на отворен простор. Забележавме дека воздухот е задушлив, има тешка миризба, што укажува дека просториите не се проветрени долг период.

Според стручни препораки, за секое лице треба да има по еден негувател, но во Демир Капија тие се само 70 на 277 лица. Останатиот персонал, над 150 вработени, се административци, а за сметка на тоа има само 18 медицински сестри и 4 негуватели. Препораките и на домашната и на меѓународната јавност се дека конечно треба да започне вонинстуционална грижа за овие лица, а ваквите институции да се затворат.

„Во западниот свет, каде што демократијата, културата и социјалната заштита се на повисоко ниво, постојат домови, во нив се сместени помал број луѓе, при што за нив се грижи стручна екипа. Да речеме, една куќа во која се сместени 3-4 лица, и тоа од најкритичната категорија, и ако тие соодветно се третираат, тогаш може да се очекува еден ден овие луѓе сами да научат да се грижат за себе“, вели Пировска.

Решетки на прозорците, дотраен инвентар, стари душеци и двор обраснат во трева со купишта ѓубре, забележа камерата на „Макфакс“ во Психијатриската болница „Бардовци“. Извори од болницата тврдат дека болните се лекуваат во лоши услови, недостига стучен персонал, а ниското ниво на хигиена е причина за многу заразни болести кои се шират кај пациентите. Појава на вошки и кожни исипи е нормална појава таму, вели еден роднина на лице што се лекува во „Бардовци“.

„Има вошки, не можеме да го исчистиме. Во болницата не ги третираат, ги оставаат сами да се снаоѓаат. Често се во валкани алишта, не ги перат, не ги бањаат“, вели еден роднина, кој го начекавме во кругот на болницата.

Во психијатриската болница „Бардовци“ во просек се лекуваат од 300 до 400 лица со ментални нарушувања. Дел од болницата, односно три објекти, беа реконстириан пред три години и беа подобрени условите. Но, според кажувањата на вработените, во „Бардовци“ само еден објект е функционален. Министерството за здравство, под чија надлежност се овие установи, во писмена изјава информира дека се работи на стратегија со која ќе бидат подобрени условите.

Министерство за здравство

„Еден од главните фокуси на Министерстово за здравство е токму оваа проблематика бидејќи сме свесни за обемноста и комплексноста. Болничкиот сектор во Министерсвото, како и други стручни лица од областа, веќе работат на пообемна стратегија за унапредување на условите во овие установи, зајакнување на кадарот во установите, како и целокупно подигнување на квалитетот на здравствената заштита на оваа исклучително чувствителна група пациенти“, информира Министерството за здравство.

Сепак, експертите од оваа област се и понатаму на ставот дека во согласност со европските стандарди вакви установи треба да станат минато, а третманот на овие лица да биде надвор од институциите за класично болничко лекување.

Снимател: Влатко Желчески / Монтажа: Бојан Ефремов