Луксуз во глина над Жданец, зградите се искачуваат упорно кон Водно

Луксуз во глина над Жданец, зградите се искачуваат упорно кон Водно

Изградба на четири огромни згради предвидува луксузниот ресорт наречен „Белведере ресорт“, кој се наоѓа над населбата Жданец, на планината Водно. Една од големите згради има две нивоа и веќе е готова, но на терен е видливо дека изградбата во изминатиот период стагнира. Дел од локалното население стравува дека зградите се градат на ронливо, глиновито и нестабилно земјиште, но инвеститорите велат – ваквите наводи се злонамерни и невистинити.

Во општина Карпош наголемо се води кампањата за локални избори, чиј фокус овој пат е најмногу посветен на зелените ветувања. На терен, пак, во општината градежните машини сè повеќе ги узурпираат зеленилото, парковите и другите простори. Четири згради, од кои секоја е на две нивоа, ќе никнат над населбата Жданец доколку целосно се комплетира изградбата на најавениот „Белведере ресорт“. Зградите се наоѓаат над населбата, во самиот рид со специјално направен пат до нив, лоциран во зелениот појас на планината. За овој проект специјално се чистеше терен во самата планина, во реон каде што претходно немало изградба на градежни објекти. Луксузниот станбен комплекс е веќе видлив и од градот бидејќи една од зградите е речиси готова.

Според ветувањата на инвеститорите, компанијата „Имвента“ ДОО, идните станари на овој комплекс ќе имаат прекрасен поглед кон целата скопска котлина, ќе уживаат во изолиран објект и околното зеленило на планината надвор од градскиот метеж, а истовремено ќе бидат на само десетина минути од строгиот центар на градот, но и во близина на трговскиот центар „Сити мол“ и пазарчето „Тафталиџе“. Комплексот, според сликите на проектот што се достапни онлајн, ќе биде луксузно уреден, со базени и рекреативни простори, а апартманите ќе бидат директно поврзани со гаражите преку лифтови и скали.

Кој е инвеститорот „Имвента“?

Официјално, компанијата инвеститор на „Белведере ресорт“, „Имвента“ ДОО, според документите од Централниот регистар е формирана во 2011 година со странски капитал и нејзините сопственици имаат израелско потекло. Сопственик и управител на проектот е извесен Јозеф Море од Израел, проект-менаџер е Јосиф Смилевски, a стручен консултант и оперативен координатор е Љупчо Атанасов.

На веб-страницата посветена на проектот е објавено дека продажен и маркетинг-менаџер за проектот „Белведере“ е Горазд Чупевски, но, сепак, според неговиот линкедин и фејсбук-профил, тој од мај оваа година започнал да работи во Commerz Systems GmbH, компанија во Прага, Чешка. Како надворешни соработници компанијата на веб-страницата ги навела НЛБ Тутунска банка – Скопје, компанијата што им врши надзор на објектот, „Вијадукт“ – Скопје, и извесна компанија од Панама, „Рами Атие“, чија веб-страница речиси не функционира и нема основни информации во однос на нивната работа.

Големиот проект е прв од ваков вид во земјата за оваа компанија која за „Макфакс“ на прашањето на кои други проекти во Македонија работи, одговори дека во согласност со политиката на работа првин ги завршува започнатите, па потоа работи на нови проекти“.

Локалците тврдат: Земјиштето е ронливо и глиновито

Во пресрет на актуелните критики кон општинските власти за уништување на зеленилото во општина Карпош, ја посетивме локацијата на „Белведере ресорт“ во Жданец, која се наоѓа токму во зелениот појас на подножјето на Водно каде што нема други градби од ваков вид.

Една од зградите, која е на две нивоа и е дел од овој ресорт, е речиси готова. Патот што води кон станбениот комплекс е заграден со импровизирани огради од лим и не може да се пристапи до објектот што е во изградба. Интересно е што и покрај тоа што проектот забрзано иташе напред, на терен се чини дека изградбата на објектите е во застој или стагнира, со оглед на тоа што не можат да се забележат градежна машинерија или работници што работат на самото место.

Во неможност да поразговараме директно со некој на самото место кој е дел од градежните зафати, прошетавме во околината да помуабетиме со дел од мештаните во населбата. Тие се плашат дека градежната инвазија полека, но сигурно ќе го зафати и појасот над Жданец и со тоа може да ги уништи планината, зеленилото или, уште пострашно, да предизвика свлечишта.

– На тоа место порано одевме и собиравме глина за училиште. Со неа потоа на часовите по ликовно во „Владо Тасевски“ правевме разни скулптури. Во околината сите знаат дека земјиштето е глиновито и ронливо, се надевам дека нема да ни се симнат надолу зградите. Се плашиме од свлечишта или пропаѓање на земјата, а под тие згради има доста куќи што се тука со години – вели една граѓанка на населбата Жданец, која сакаше да остане анонимна.

Со оглед на тоа што изградбата на објектот не се одвива забрзано како претходно, се шират и шпекулации дека постојат проблеми со стабилноста на земјиштето каде што се гради.

Но, со ваквите стравувања на мештаните очигледно не се согласува Општина Карпош, која дала одобрение за градење на инвеститорот „Имвента“ ДОО. Одобрението за градба чекало повеќе од две години бидејќи било поднесено во март 2013 година, а изградбата била конечно одобрена во ноември 2015 година. Проектот за станбениот комплекс е на компанијата „Радо инженеринг“, а надзорот го извршила компанијата „Вијадукт“ – Скопје. Од Општина Карпош не негираат дека изградбата е стопирана, туку за повеќе информации нè упатија кај инвеститорот на објектот. Не откриваат зошто се чекало дури две години за да се издаде одобрението за градба на овој објект.

– За причината зошто е стопирана изградбата на комплексот згради кои се дел од „Белведере ресорт“ во Жданец, најупатно е да разговарате со сопственикот на комплексот згради. Што се однесува, пак, за тоа кој ја следи изградбата, сакаме да ви посочиме дека динамиката на градбата е обврска на надзорот, а не на Општина Карпош.

Исто така, би сакале да ви укажеме дека сопственикот на комплексот самиот одлучи да гради фазно. Тоа практично значи дека за она за што ќе уплати комуналии, за тоа ќе добие одобрение за градење, и тоа ќе може да го гради, велат од Општина Карпош за „Макфакс“.

„Имвента“: Нема застој, се работи на објектот, земјиштето е безбедно

Инвеститорите на станбениот комплекс, компанијата „Имвента“, за „Макфакс“ велат дека иако можеби однадвор се чини дека изградбата на нивниот луксузен ресорт е запрена, сепак, застој не постои и се завршуваат внатрешните фази од работите во објектот, а надворешните инфраструктурни работи се поврзани со обезбедување согласности и технички решенија од општинските, градските и од други институции и тие се во фаза на реализација.

За шпекулациите дека изградбата е запрена поради пропаѓање или лизгање на земјиштето каде што се гади, менаџерот на проектот, Јосиф Смилевски од „Имвента“, вели дека за локалитетот се изготвени студии и стручни анализи, како и геомеханички испитувања, проекти за сите фази на објектот што е во градба, ревизија на проектната документација, која е во целост одобрена и по неа се извршува градбата на објектот без никаков застој.

Иако првично Смилевски ни понуди лично да го посетиме објектот, пред состанокот ни ја откажа средбата поради службен пат, по што одговори на нашите прашања по писмен пат.

Тие не одговараат директно зошто компанијата чекала дури две години за добивање градежна дозвола за проектот, а за реакциите на мештаните и нивните стравувања за безбедноста на објектот и земјиштето, велат дека таквите наводи се злонамерни и не постои простор за загриженост.

– Во делот на ваквите прашања одговорите би биле дека кажаното во прашањата е само претпоставка или злонамерно кажување за нешто што не постои и не е можно, велат од „Имвента“.

Инжинерот Влатко Коцевски, кој е дел од компанијата „Вијадукт“, која го прави надзорот врз објектот, исто така вели дека градбата не е стопирана, туку се вршат внатрешни занаетчиски работи на објектот. Признава дека, сепак, постои стагнација.

„Оди бавно финансиски, инвеститорот не ги засилува работите, а сега ќе има и избори. Слаба е продажбата на станови на пазарот, умртвена е целата работа“, вели Коцевски за „Макфакс“. Во однос на безбедноста на објектот тој вели дека самата зграда со својата тежина пркоси и му се спротивставува на брдото, има и потпорен ѕид, со што, според него, не се можни опасности за свлечишта.

„Таму има и геомеханички елаборат, статичка пресметка, сеизмичка анализа, сè е тоа поклопено штом има добиено дозвола за градба од Општина Карпош и сите лица тоа го имаат на увид“, вели Коцевски.

Грчев: Долните слоеви на Водно имаат тенденција на лизгање на земјиштето

Архитектот Мирослав Грчев за „Макфакс“ вели дека во последната деценија и повеќе во Скопје преoвладува една безмилосна изградба и притисок за градење кои градот го шират во најскапоцените терени што го опкружуваат – кон парк-шумата Водно или да ги уништува земјоделските површини околу него.

„Тоа се случува и во рамките на градот, се пополнуваат слободните простори, зелените простори, парковите, рекреативните простори. Тоа го прават само цивилизации што ги напуштиле и разумот, и умот и законот како ориентација во својата работа и овозможуваат да цветаат само приватниот интерес и профитот.

Сведоци сме дека Водно со години се освојува спротивно не само на одлуката за парк-шума Водно на Град Скопје и забраната за изградба во парк-шумата туку и спротивно на инженериските правила, според кои, не смее да се дозволи доведување во опасност животот и имотот на луѓето. Не смее да се зголемува опасноста врз јавната безбедност со градење нестабилни терени, свлечишта итн.“, вели Грчев.

Според него, спецификите, особено на подолните делови, првите брда од Водно, се дека тоа се слоеви глина и песоклива глина, кои имаат тенденција да се лизгаат и да се движат надолу кон градот.

„Поради тоа, градбите на овој терен мора да подлежат на посебни инженериски процедури на геомеханички пресметки и специјални мерки за консодилирање потпорни ѕидови, штитови, длабоки втемелувања, бидејќи тоа земјиште се свлечува.

Во некое време кога постоеше држава, тогаш кога државен орган – општината, градот, кога ќе дадеше дозвола, имаше големи шанси да се претпостави дека тоа одобрение ги зело предвид сите безбедносни аспекти. Денес, некои од одобренијата што ги имаат градителите што ги добиле од корумпирани општини и градоначалници, каде што органите на државата се потполно во фунција на профитот и други интереси, не значат ништо, дури некогаш се доказ дека градбите се во служба на тие интереси“, вели Грчев.

Кристина Озимец