Нова зграда во Козле ќе го затвори влезот до старите куќи

Нова зграда во Козле ќе го затвори влезот до старите куќи

Во Козле, зад основното училиште „Владо Тасевски“, набргу треба да се изгради зграда на парцела која во моментот се користи како импровизиран паркинг. Неодамна на истото место, по повеќе години, му беше одземен дел од дворот на основното училиште „Владо Тасевски“ за да биде изградена патека. Жителите што живеат во околината обвинуваат дека дворот бил намерно одземен како дел од подготовките на ова место да се изгради зграда, како и дека градбата може целосно да го затвори пристапот до нивните имоти во местото на кое живеат повеќе од 60 години.

„Ќе нема од каде да дојде брза помош доколку ја повикаме“, вели еден од граѓаните што живее во куќите за „Макфакс“.

Уште една зграда треба да биде изградена во Карпош. Во оваа општина граѓаните се жалат дека речиси и не остана зелена површина или празен простор што не е претворен во градежна парцела. Во најновиот план е предвидена и една зграда во Козле во близина на дворот на училиштето „Владо Тасевски“. Најавата за градбата кај тамошните жители предизвика реакции и загриженост, како и коментари дека тие нема да дозволат да се изгради зградата. Тие тврдат дека одземањето на дел од дворот во училиштето „Владо Тасевски“, каде што сега е направен пат, е поврзано со изградбата на зградата.

Претседателот на Куќниот совет на зградата што се наоѓа на улицата Јуриј Гагарин бр. 55 во Карпош, Спире Чекреџиев, за „Макфакс“ вели дека зградата што се планира да се гради ќе биде премногу блиску до нивната.

„Буквално, се приближува на 14 метри според планот и ќе биде залепена до нашата зграда, а дополнително ќе биде висока 21 метар. Фактички ќе ни ја затвори светлината. Објектот не е решен како што треба од урбанистички аспект, а ниту за паркирањето нема решение.  Улицата не е продолжена, а и не може да се продолжи од куќите што се изградени. Одзедоа и дел од дворот на училиштето, со што целата ситуација за нас е сомнителна“, вели Чекреџиев.

Тој вели дека правеле неколку иницијативи против изградбата и двапати поднеле писма до Општина Карпош за да дознаат кои се плановите за изградба.

„Нашите соседи кои живеат во куќите исто така имаат поднесено барање против изградбата на објектот и тие беа повикани во Општината. Парцелата е многу чудно поставена“, вели тој.

Жителите обвинуваат дека Генералниот урбанистички план на Град Скопје не се совпаѓа со детаљниот урбанистички план на Општина Карпош и, според нив, инвеститорот нема легално одобрение за градба.

И други жители велат дека изградбата на зградата е проблематична. Според нив, таа ќе навлезе во нивните имоти, ќе треба да бидат урнати гаражи, како и дека ќе го затвори пристапот до нивните имоти.

Жител, кој поседува куќа веднаш до местото каде што се планира зградата, вели дека градителите не се јасни што сакаат да градат и не им даваат јасни насоки како ќе изгледа градбата.

„Не ни даваат параметри, координати, точки, каде и што ќе биде. Нема координати, нема геометриски план за да знаеме на што сме. Не само што објектот ќе дојде блиску до гаражите, туку и до куќите ќе ни дојде. Ние не даваме ништо додека немаме јасна слика што ќе се прави. Тие што ќе градат треба да ни дадат јасен предлог што предлагаат. Не сме само една парцела, тука има уште три-четири. Немаме црно на бело врз основа на што се базира таа понуда, како и јасни параметри, за да размислиме дали ни одговара или не“, вели овој жител на Козле за „Макфакс“.

Според него, зградата ќе го затвори влезот на најмалку четири куќи што се наоѓаат на оваа локација. Вели дека не знае како ќе се постави толкава зграда на толку мал простор.

„Ние сме први на удар, но и зад нас има куќи. Ние немаме ништо против тоа човекот да гради, меѓутоа не знам колку ќе му се исплати. Не го решил проблемот со нас овде, ние сме четири куќи први на удар, треба да се решат влезот и излезот, не ни дава никаков проект. А сака да гради. Утре ќе се разболи некој, треба сообраќајно решение да донесе, од каде ќе влегуваме ние? Тој добил дозвола тука да гради, меѓутоа ќе треба да нè обесштети и ако не се согласуваме со понудата, според законот ќе треба објектот да биде подалеку неколку метри. Инаку, ние нема да имаме пат за автомобилите да влезат во нашите имоти, како и за брзата помош. А не само да се изградат 21 метар и после ние од каде ќе одиме, авионски ли да слетуваме“, вели тој.

Зградата ќе ја гради градежната компанија „Мато инжинеринг“ од Куманово. „Макфакс“ испрати прашања до компанијата во однос на плановите за градба и за обвинувањата од тамошните жители, но до објавувањето на текстот од нив не добивме одговор. Надлежните во училиштето „Владо Тасевски“ не сакаа да коментираат дали одземањето дел од нивниот двор е поврзано со изградбата на зградата и нè упатија за одговори во Општина Карпош.

Општина Карпош: Земјиштето е во приватна сопственост

Од Општина Карпош велат дека во однос на дворот на училиштето, кој е одземен токму во периодот кога овде се планира изградба на зграда, станувало збор за патека што е предвидена пред 17 години со детаљниот урбанистички план од 2001 година, а тој ДУП бил потврден со минимална измена и во 2011 година.

„Ваквото урбанистичко решение, поточно изградбата на патека, е во согласност со сите урбанистички правила, но и основните права што се утврдени со закон, а кои се однесуваат на тоа секој граѓанин да има обезбедено пристап до сопствениот имот. Инаку, досега граѓаните од овој дел на Козле одеа по патека што поминува низ приватен имот, а новата пристапна уличка ќе биде на државно земјиште. Со тоа ќе се обезбеди влез до имотот што се наоѓа во приватна сопственост, иако таа патека еднакво ќе им користи и на граѓаните од населбата Козле, односно на сите оние што живеат во околните објекти. Она што е од интерес за граѓаните е и фактот што со изградбата на оваа патека нема да се уништува зеленилото, ниту ќе бидат исечени дрвја“, велат од Општината.

Тие потврдија дека имаат издадено одобрение за подготвителни работи за реализација на објект, односно ДУП за населбата Козле од 2011, поточно Козле, МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“ – урбан модул 11, 33, 34 и 35.

„Станува збор за реализација на детален урбанистички план пред речиси 17 години. Притоа не станува збор дека ќе се затвори просторот за пристап до нивните имоти (имотите на граѓаните). Сакаме да потенцираме дека не е точно дека не се средени односите во врска со сопственоста. Земјиштето е во приватна сопственост. Што се однесува, пак, до тоа каде ќе се паркираат возилата на новите станари, се разбира дека ќе се паркираат во сопствената парцела во согласност со издадената документација, инвеститорот е должен да обезбеди место за паркинг за станарите според законските критериуми“, велат од Општина Карпош.

Богоев бара од Уставен запирање на два ДУП-а

Општина Карпош вчера му предложи на Уставниот суд да донесе решение за запирање на одделни акти или дејства преземени врз основа на ДУП за Градска четврт 3 05 и ДУП за Градска четврт 3 04, соопштија вчера од Општината. Општината на чело со градоначалникот Стефан Богоев, го предлага ова поради тоа што не била запазена законски предвидената постапка за донесување два детални урбанистички плана. Oпштината доставила одговор до Уставниот суд на Република Македонија на претходно поднесената иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот ДУП (детален урбанистички план) за опфатот Градска четврт З 05 помеѓу булеварот Илинден, булеварот 8 Септември, булеварот Партизански oдреди, улицата Љубљанска, Блок 1, Блок 5 и Блок 8.

Кристина Озимец