Одземени дел од одобренијата за увоз и извоз, работниците на „Фени“ во паника

Одземени дел од одобренијата за увоз и извоз, работниците на „Фени“ во паника

Стравувањата на вработените во „Фени Индустри Кавадарци“ за затворање на фабриката стануваат сè пореални. Половина месец фабриката работи на одржлив минимум, нема производство, а вработените секојдневно јавуваат за постојаното присуство на извршители, кои веќе почнале со геометри да вршат мерење и обележување на земјиштето на „Фени“.

„Последна е блокадата од Царинската управа. Одземени ни се одобренијата за увоз и извоз. Поради блокираната сметка компанијата нема покритие за банкарска гаранција како доказ дека има начин да се платат давачките кон државата. Ова значи дека ниту можеме да увеземе репроматеријали ниту, пак, да извеземе готов производ, а целото наше производство одеше за извоз. Менаџменоот сè уште нè убедува дека ќе се најде начин да продолжи производството, но за овие одобренија повторно да се извадат е потребно многу време оти процедурата е долга. Дури и денес да се почне, нема надеж дека во догледно време повторно ќе можеме да извезуваме и да увезуваме“, велат за „Макфакс“ вработени во „Фени“.

Од Царинската управа потврдуваат дека дел одо одобренијата за увоз се одземени, но не на „Фени“ туку на фимата „Нова Логистик“ која го врши транспортот за комбинатот.

„На компанијата ‘Фени’-Кавадарци не и се одземени никакви одобренија за увоз и извоз при што на ниеден начин не е нарушено работењето на компанијата. Таа и понатаму може да работи и да извршува активности поврзани со извозот или увозот во редовна постапка. Царинската управа го одзеде одобрението за поедноставена постапка за увоз или извоз на стоки на царинскиот застапник ‘Нова Логистик’-Кавадарци (воедно царински застапник на ‘Фени’ – Кавадарци) како резултат на променетата финансиска стабилност на царинскиот застапник ‘Нова Логистик’ – Кавадрци. Тоа во никој случај не значи дека ‘Нова Логистик’ не може да врши увоз или извоз, ‘Нова Логистик’ и понатаму како царински застапник може да продолжи да врши увоз или извоз на стоки во редовна царинска постапка. Единствено одземено и е одобрението за за поедноставена постапка на увоз или извоз, односно можноста стоката да се царини во просториите на имателот на одобрението, додека во редовна царинска постапка, царинењето може да се врши само на царински терминал“, велат од Царинската управа на Република Македонија.

Од Царината нагласуваат дека постапката за добивање на ново одобрение значи исполнување на одредени услови, како што се солдна евиденција и финансиска стабилност.

Заедно со блокадите и присуството на извршителите, расте и паниката меѓу вработените. Дел од нив почнале да си бараат нова работа, а оние што успеале да се снајдат веќе си поднеле и оставки.

„Секојдневно по некој си дава оставка. Луѓето веќе почнаа да покажуваат дека не гледаат иднина во фабриката која до пред само еден месец важеше за една од најуспешните во Македонија “, велат вработените.

Оставка, според нив, поднел и директорот Јусуф Миракхмедов, но тој не е достапен за објаснувања во врска со фабриката. Веќе две недели ги игнорира прашањата од „Макфакс“ поврзани со случувањата во „Фени“.

Истражувајќи ги состојбите во „Фени“, „Макфакс“ дојде до документ од судот во Амстердам, со кој сегашните сопственици, ИМР (Интернешенал минерал ресорсис), биле обврзани  да вложат  66,5 милиони долари во фабриката до крајот на 2016 година. Тоа бил условот под кој ја добиле  фабриката по спорот околу сопственоста што го имале со „БСГ Рисорсес“, со кои партнески го делеле сопствеништвото. По пресудата, ИМР станале доминантен сопственик, но со обврска за вложување. Пресудата е јавен документ, достапен на интернет од судот во Амстердам. Спорот е воден во Холандија бидејќи таму е регистрирана компанијата „Кунико рисорсес“ во чии рамки функционира сегашниот сопственик на „Фени“ – ИМР.

Место инвестиции, фабриката е пред колапс, само неколку месеци по истекот на рокот во кој требало во неа да се вложат 66,5 милиони долари.Од сопствениците нема одговор на прашањата како се случило и покрај обврската за инвестирање на оваа значителна сума,  фабриката да наталожи огромни долгови.

Вработените тврдат дека во изминатиот период немало никакви инвестиции и бараат одговорност за испумпување на капиталот од фабриката преку фирмите ќерки на компанијата.

„Наместо инвестиции, капиталот почна да се раскрчмува. ’Нова логистик’, фирма ќерка на ’Фени’, формирана да се грижи за транспортот за да не се ангажираат надворешни транспортери кои секогаш се поскапи, е приватизирана. Нејзин сопственик сега е менџерката која раководеше со фирмата додека беше дел од ’Фени’. Ова не е начин да се намалат трошоците, напротив преку оваа фирма транспортот почнаа да го вршат фирмите ’Ролис ГМ’ и ’Селекта’, кои се поврзуваат со семејството на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Се сомневаме дека токму преку овие фирми на организиран начин се одлевал капиталот на фабриката, се таложеле долговите кои сега доведоа до гасење на производството“, обвинуваат вработените кои стравуваат за работните места.

Тие сметаат дека згаснувањето на „Фени“ не е случајно.

„Парите одамна се изнесуваат од фабриката, но менаџментот ја користи смената на власта како параван”.

Извршителот Анѓел Костадинов претходно веќе потврди за „Макфакс“ дека спровел извршување како застапник на фирмата „Ролис ГМ” за долг кој изнесува околу 4 милиони евра.

Политичките партии, пак, не ја пропуштија можноста за состојбата на фабриката да упатат меѓусебни обвинувања, па така прва на удар се најде ЕДС ДОО Скопје како наводен виновник за блокада на сметката на „Фени”. Од „Енерџи деливери солушнс“, односно ЕДС ДОО Скопје, сопственост на Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања во Владата на Зоран Заев, за „Макфакс“ изјавија дека не ја прекинуваат соработката со „Фени“ ниту, пак, иницирале блокирање на сметката на фабриката.

„Би сакале да потенцираме дека ЕДС ДОО Скопје ниту ја иницирала постапката за блокирање на сметките на ‘Фени индустри АД’ ниту, пак, има желба ‘Фени индустри АД Кавадарци’ да се затвори. Напротив, ЕДС ДОО Скопје, како и досега а така и понатаму, својата иднина на македонскиот пазар ја гледа во соработка со успешни и просперитетни компании во кои несомнено ја вклучуваме и ‘Фени’“, велат од ЕДС, но не кажуваат како ќе ја продолжат соработката со „Фени“ и покрај огромниот долг за струја, кој според вработените, надминува седум милиони евра.

Иако нема производство, засега сите вработени доаѓаат на работа. Редуцирана е третата смена, доаѓаат само неколкумина за дежурство. Во другите смени сите доаѓаат на работа како и кога имало произвоство. Вработените сведочат дека навечер, и покрај редуцираниот број вработени, во фабриката имало најголемо движење.

„Се товарат камиони и се изнесува имот од фабриката. Гледаме дека камионите се растоваруваат на три локации во Кавадарци, но објаснување за ноќните активности никој не ни дава“, се жалат вработените.

Тие бараат државните органи да го преиспитаат работењето во „Фени“ час поскоро додека сè уште целосно не се изгасени печките оти по гасењето фабриката, велат, ќе биде само старо железо.

Владата најави помош за „Фени“, но и од таму не кажаа како конкретно ќе ѝ помогнат на фабриката за  850  работници да не останат без работа.

Маја Илиевска-Пачемска