(ВИДЕО) Физичка тортура и понижување – суровата реалност на македонските текстилни работнички

(ВИДЕО) Физичка тортура и понижување – суровата реалност на македонските текстилни работнички

Пишува: Кристијан Ландов

Закани, дискриминација, мобиниг и физичка тортура наспроти ниските примања и преголемото ниво на работа. Омаловажувањето, отказните решенија без причина, како и прекувремената работа која не им е платена, се дел од секојдневнието. Под вакви услови деновите ги поминуваат вработените во текстилната индустрија. Некои од овие состојби работниците ги прифаќаат како нормални со оглед на фактот дека со години се соочуваат со тоа. Досега ретко кој се осмелил да ги пријави овие случаи во Трудовиот инспекторат. Овие работници со години се наоѓаат на маргините од општеството. Оние што ќе се осмелат гласно за зборуваат за проблемите во фирмата остануваат без работа и без примањата, кои во најголем случај изнесуваат 9.600 денари месечно.

ЗА РАБОТНИЦИТЕ, ЗАКАНИТЕ И МОБИНГОТ НОРМАЛНА ПОЈАВА

Секојдневните закани дека ќе бидат исфрлени од работа придонесуваат работниците да имаат страв да ги пријават случаите во соодветните инспекторати, а мобингот и заканите се нормална појава за нив. Бидејќи се плашат нема да најдат друга работа, работниците учат да работат под тортура. Сè повеќе се присутни случаите каде што 80 вработени работат работа која во просек треба да ја работат над 150 лица. Сопствениците на погоните за изработка на текстилни производи ги користат нивните семејства велејќи им дека ќе ги избркаат од работа, а тоа ќе ги доведе до просјачки стап. Имајќи предвид дека е тешко да се докаже мобинг на работното место, а неверувајќи во правниот систем, работниците не ги пријавуваат овие случаи.

„Во однос на мобингот, пријави има само од работници од странските инвестиции, а во оваа индустрија работниците мобингот го имаат сфатено како нормална појава. Во повеќето од конфекциите мобингот и тоа како е присутен, но оваа група граѓани, која е на маргините со децении, не го детектира мобингот како сериозно прекршување, туку го смета како нормална работна средина. Овој проблем не е од неодамна, туку со децении. Затоа и до пред една година никој не ги спомнуваше овие работници бидејќи тие своите проблеми немаа каде да ги кажат или да побараат помош. Непостоењето синдикално организирање, она што низ годините за непостапувањето на Трудовиот инспекторат работниците го препишуваат на корупцијата од страна на инспекторите, сега е резултат на обесхрабрени работници кои немаат верба во институциите што треба да се грижат за нивните работнички, па и човекови права“, вели Кристина Ампева, претседател на здружението „Гласен текстилец“.

Силвана Пеншова вели дека како активист комуницира со многу свои колешки, а тоа што го слуша е еднакво на хорор. Минималните права што текстилните работници ги имаат таа ги препишува на странските партнери, но не и на државата.

„Откако сум активист, комуницирам со колешки, има приказни кои се хорор-приказни, тоа не е ни мобинг, тоа е малтеретирање, тоа е дури и физичко малтеретирање. Се прави конекција помеѓу инспекторите и сето тоа се заташкува. Над 60 отсто работнички права се кршат секојдневно. Со некои работи не смее да има компромис и кога ќе има нулта толеранција, тогаш ќе има и достоинство. Ова е хорор, колешките се апатични, не сакаат да пријават зашто сметаат дека од тоа нема да има ништо. Кога ќе ги слушнам прказните, се разочарувам бидејќи ова е еднакво на Тајван каде што работниците ги заклучуваат една недела во простории, а кој ќе преживее продолжува да работи понатаму. Вокабуларот што се користи е страшен, се упатуваат грозни навреди, тоа е страшно. Имаме проблем со непријавени работници, приматели на социјална помош, пензија, доаѓаат на работа за кеш. Доаѓа бабичка, која нема проблем дали ќе работи за празник или за викенд. Проблем е враќањето на К15, кој во голем дел се враќа или ако не се враќа, се исплаќаат 2.000 денари. Јас и тоа го пријавив кај инспектораката и рече дека ги искористиле дупките во законот“, вели Пеншова.

Тешкото докажување на овие случаи и нереагирањето на Испекторатот придонесуваат овие случаи да ги има во сè поголем број. Од 35.000 вработени во текстилната индустрија, ретки се вработените што гласно зборуваат за тортурите со кои се соочуваат.

ОСТАНАЛА БЕЗ РАБОТА БИДЕЈЌИ ЗБОРУВАЛА ГЛАСНО

„Макфакс“ истажуваше и беше во обиколка на текстилните фабрики во Пробиштип. Во овој регион главно населението е вработено во околните конфекции. Немајќи избор, тие со години работат деноноќно и ги прифаќаат сите услови на работодавците за дома да однесат корка леб. Сопствениците на фабриките недостигот на други работни места го користат за изживување, заканување и максимално искористување на работната снага. Силвана Пеншова, мајка на две деца, е една од ретките што го крена гласот за остварување на работничките права, а сметката ја плати со отказот што го доби од страна на работодавецот. Таа вели: подобро да бидам црна овца отколку безгласна буква“.

„При вработувањето јас поставив мои услови. Тој не ги почитуваше и од мене го бараше спротивното. Кога го потсетив дека сме се договориле да не работам во неделите и за празници, тој тоа го прими на лош начин, со што следуваше подигнување на тонот. Зимно време работевме на 6-7 степени, на што јас реагирав, а тој ми рече да се запрашам дали има пари за греење. Кога ќе прегореше светилка, работевме во полутемница, а ако побаравме замена, тој реагира лошо велејќи дека нема пари и затоа работевме во полутемница. Јас работев професионално. Немав задоцнето ниту еден ден, 100 отсто максимално ја извршував работата. Во периодот кога зачестија инспекциските екипи, работодавецот повика господин кој направи истражување и утврди дека ние работиме во прекрасни услови и кажа дека една работничка постојано пријавува и го ремети процесот на работа. Утредента добив предупредување дека несоодветно си ја извршувам работата и дека мора да се поправам ако сакам да останам на работа. Писмено побарав да ми појаснат на кој начин да го подобрам, но не добив одговор“, вели Пеншова.

По неколку дена Пеншова, поради повреда на работно место, добила седумдневно боледување. Потоа следувал колективниот одмор за отпосле таа да го искористи одморот што законски ѝ следувал, а на работа се вратила на 18 август кога ѝ било кажано дека повеќе не работи во „Дама-текс“.

„Ги информирав дека ова што го прават не е законски, а тие бурно реагираа и ме прашаа како си давам право да толкувам закони. Кога побарав да си ги земам моите лични работи, бев физички спречена по што отидов дома. Ја барав и трудовата инспекторка за да го пријавам случајот, која неколку пати ја прозвав дека несоодветно ја завршува својата работа. Кога таа слушна за кого е работи, рече дека нема потреба да пријавувам и нема да постапува по мое барање“, додава Пеншова.

Пеншова случајот го пријавила во дежурниот инспекторат, од каде што „Макфакс“ дознава дека поради престанокот на нејзиниот работен однос, за овој случај ќе постапува надлежен суд. Екипата на „Макфакс“ ја посети и канцеларијата на Трудовиот инспекторат, подрачна единица – Пробиштип, каде што наиде на затворена врата и лица што чекаа пред неа. Инспекторката Евица Маневска не одговори на нашите повици, а не успеавме да го добиеме ниту Трудовиот инспекторат на ниво на Македонија. Во обид да добиеме детали за случајот, му се јавивме на инспекторот Злате Стојановски, кој не сакаше да коментира и да даде детали за конкретниот случај ниту, пак, податоци за поднесени пријави од текстилни работници. „Макфакс“ ја посети и текстилната фабрика „Дама-текс“ каде што работела Пеншова, но сопственикот одби да разговара со нас упатувајќи нè да разговараме со неговата поранешна вработена Силвана Пеншова.

ПЛАТА ОД 1 ДЕНАР
„ЈАС ВИ ГИ РАНАМ СЕМЕЈСТВАТА, АКО НЕ ВИ СЕ ДОПАЃА, ЕВЕ ВИ ЈА ВРАТАТА“

Минималната плата која треба да им се исплаќа на текстилните работници изнесува 9.500 денари, но во голем дел од случаите работниците дома носат само по 6.000 денари. Работодавците во согласност со законот исплаќаат минимална плата, а потоа бараат од работниците да им биде вратен дел од целата сума во кеш. К15 се враќа веднаш по неговото исплаќање. Кристина Ампева, претседател на здружението „Гласен текстилец“, вели дека кај повеќето од работниците платата на рака е редовна практика во конфекциските погони. „Макфакс“ дознава дека една од странските инвестиции што ги промовира поранешниот премиер Никола Груевски, односно фирмата „Веибо“, неосновано отпуштала работници, а на работничките што користеле породилно отсуство не им бил продолжен договорот за работа. Со ова биле прекршени низа законски права на работниците.

„Пријавите до нас се за неисплатени плати, неисплатени додатоци на плата, К15, плата на рака, незаконско прекинување на работниот однос, нерегулиран работен однос. За состојбата на работничките права доказ се работниците од „Зона трико“ – Виница каде што 8 месеци добиваа плата по еден денар, работниците од „Кадоро Ото“ – Крива Паланка и „Нена фешн“ од Штип, каде што работниците работеа два месеца без плата. Заканите, ако може да се наречат закани, е нешто што работодавците го користат кога ќе наидат на некој свесен работник и сакаат по секоја цена да ги научат другите да не го креваат гласот против неправдите со кои се соочуваат. Тоа најчесто се случува во стилот: „Ако не ви се допаѓа, еве ви ја вратата, јас ви давам леб”. Подоцна се повикувани во канцеларија каде што им кажувале дека од наредниот ден нема потреба да се враќаат на работа, а некои и физички биле оневозможени да дојдат на работното место, биле спречувани на капија или на врата“, вели Ампева.

„Макфакс“ во обиколката на Пробиштип разговараше со вработени во текстилните фабрики, кои велат дека стандардите ги спуштаат лицата што се пензионирани, а на црно работат во текстилните фабрики. Според тоа што го дознава „Макфакс“, пензионерите се нафаќаат да работат во овие фабрики и за плата од 4.500 денари за да си го пополнат слободното време. Просечната исплатена нето-плата од вработен во текстилната индустрија за периодот јануари-април 2017 година изнесува 13.678 денари, а минималната потрошувачка за истиот период изнесувала 32.144 денари, покажува инфографикот на Хелсиншкиот комитет.

„Мојата плата, додека работев, изнесуваше околу 9.600 денари. Тоа се само пари за телефон, вода и за струја. Ако немаме уште една плата, ќе немаме за јадење. Надвор од секое достоинство и најстрашно од сè е кога работодавецот ќе ви каже дека и тие не се заработени пари. Замислите дека една работничка може да седи 10 часа на работа и да забошотува, а цело време има контроли така што дури не може да се оди ни во тоалет“, вели Пеншова.

Според графичкиот приказ на Хелсиншкиот комитет за видот на прекршените права, изработен изминатите месеци, 197 лица се пожалиле на неисплатени плати и придонеси на плати, 113 лица рекле дека не им е исплатен данок на платата за поминати работни часови на ден, на неделен одмор и додаток на платата за поминати работни часови на празници и нероботни денови. Најголем број лица, дури 244 од нив, рекле дека не им е платен регресот на годишен одмор, а 14 лица примале плата на рака. 11 лица велат дека незаконски им го прекинале работниот однос, а исто толку лица имаат нерегулиран работен однос.

ВМРО-ДПМНЕ ЈА ПОДОБРИ ПЛАТАТА, НО НЕ И УСЛОВИТЕ
СДСМ ВЕТИ, НО РОКОВИТЕ ПОМИНАА

Во изминатите 10 години владата на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет говореше и ветуваше подобрување на условите за работа во текстилната индустрија, а она што го направи е зголемување на просечната плата за овие работници од 6.000 на 9.500 денари. За време на подизборната кампања за парламентарните избори 2017 година СДСМ ветуваше подобрување на условите и зголемување на платата на 12.000 денари.

„Новата Влада веднаш по формирањето, во консултации со социјалните партнери, ќе го пушти во собраниска процедура Законот за зголемување на минималната плата. Минималната нето-плата ќе се зголеми на 12.000 денари и ќе важи и за индустријата за текстил, облека и кожа. Тоа значи дека околу 42.000 работници, само од трите индустрии ќе носат дома по 2.410 денари повеќе секој месец. За да се спречат злоупотреби, контролата за исплата на минималната плата, покрај Инспекторатот за труд, ќе ја врши и Управата за јавни приходи“, изјави на 10 мај сегашниот министер за економија, Драган Тевдовски.

Законот за минималната плата е во собраниска процедура на прво читање, но сè уште не е отворен. Премиерот Зоран Заев при посетата на Штип и текстилните фабрики изјави дека имаат намера од утре минималната плата да биде зголемена на 12.000 денари. Но, работниците од текстилната индустрија нема да го добијат најавеното зголемување на минималната плата бидејќи процедурата за измените во законот ќе започнат по локалните избори во октомври.

„Граѓаните знаат дека тенденцијата е да ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари, а ние сме сериозни во одлуката и сакаме оваа мерка да биде воведена на 1 септември“, истакна премиерот Зоран Заев денеска во Штип. Гледаме дека има услови за воведување една ваква мерка. Ќе продолжат консултациите до донесувањето на законското решение“, изјави Заев на 21 јули 2017 година.

Со законските измени се очекува 130.000 работници да земаат плата од 12.000 денари наместо 9.000 денари како досега, од кои над 35.000 работници се од текстилната индустрија. Но, роковите во кои Тевдовски и Заев најавија дека тоа ќе се случи нема да бидат почитувани.

Силвана Пеншова, која со години е дел од текстилната индустрија, коментирајќи ја посетата на Заев на Штип, запраша дали премиерот треба да разговара со работодавците и да ги моли да ги остварат минималните права на работниците или тие мора да го почитуваат тоа бидејќи сè е уредено со законска рамка. Таа изрази разочарување во однос на пристапот на новата Влада.

„Јас очекував дека новата Влада ќе биде многу поостра со целата работа. Премиерот кажа дека разговарал со газдите да бидат попустливи во однос на одморите, односно тоа да не се само неколку дена. Зар за тоа треба меѓусебно да се молат кога законот налага 12 дена минимум непрекинат одмор?!“, прашува Пеншова.

Освен дискусија за платите и одморите на овие работници, досега новата Влада не презема ништо за решавање на преостанатите проблеми што ги мачат текстилните работници. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, потенцира дека ќе има нов систем за евиденција на работното време, кое нема да може да се прикрие и ќе се евидентира во УЈП, а во фирма со над 20 вработени ќе има задолжително синдикално организирање, но засега ова се само празни зборови.

„Ветувањата од властите полека треба да почнат да се исполнуваат како што кажаа, единствено што во сите процеси е вклучен ССМ како репрезентативен. Истиот тој поради кој ситуацијата е општо ваква со работничките права во државата. Синдикатот е оној што треба да ги штити и се залага за подобрување на платите, условите, правата, а беше приврзок на која било власт изминатите години. Како здружение што се залага за правата на работниците од тестилната, кожарската и од чевларската индустрија, би сакале да бидеме вклучени во процеси за измени на закони, работни групи при Министерството за труд и социјална политика за работи што би ги интересирале овие работници, но засега нема такво нешто“, додава Кристина Ампева, претседател на здружението „Гласен текстилец“.