МАКФАКС

Драмата „Ништо без Трифолио“ ќе биде поставена во прилепскиот театар

Драмата „Ништо без Трифолио“ ќе биде поставена во прилепскиот театар
08.02.2017, 16:53

 

„Ништо без Трифолио“, од Русомир Богдановски, во режија на Коле Ангеловски е првиот проект на кој започна да работи театарот „Војдан Чернодрионски“, годинава.

Се работи за весела комедија која, како што вели авторот на текстот Богдановски, е напишана во грчко римски стил.

Според режисерот Коле Ангеловски овој текст бил дебитантски пред 30 години.

„Еднаш е поставуван во МНТ, потоа јас го режирав во Куманово. Интересен е и затоа повторно се навраќам на него. Основната тема е љубовта. Или се што се случува на сцена, односно сите заврзлами се поврзани токму со љубовта. Главен двигател е богот Амор кој ги предизвикува ситуацииите. Понекогаш има грешки и забуни. Многу убав текст. Одлично напишан со повеќе ликови. Претставата ќе биде интересна и публиката ќе ја сака“, вели режисерот.

Ќе играат Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Илија Волческа, Александар Тодески, Марјан Чакмакоски, Димитар Црцороски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С.Илиеска и Михајло Миленкоски.
Сценографија ќе ја работи Илина Ангеловска, костими Раде Василев, музиката му е доверена на Томе Темелкоски, додека за кореографијата ќе се погрижи Кире Миладиноски.

Целта со овој проект е актуелизирање на домашната драматургија и нејзино приближување кон помладата публика и создавање на претстава од забавен карактер која ќе привлекува бројна публика велат од ЦК „Марко Цепенков“.

„Ништо без Трифолио“ е првата од трите претстави што ќе ги работи театарот годинава со поддршка на Министерството за култура. Другите две се „Клетници“, од Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски и „Галоп на радоста“ од Ивана Нелковска, во режија на Илина Ангеловска./крај/со/бб

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *