Почина Вања Лазарова

Почина Вања Лазарова

Доајенката на македонската народна музика, Вања Лазарова, почина на 86 годишна возраст.

Лазарова е родена на 27 април 1930 во селото Страцин, Кратовско.

Извесно време работеше во Операта при МНТ, а била членка и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.

Има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти. Пеела во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета II и премиерот Винстон Черчил.

Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“.

Посебен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ при создавањето на музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Нејзиниот вокал е особено податлив за синтезите во етномузиката.

Во 2014 јавноста беше вознемирена од веста дека Лазарова живее заборавена од институциите во дом за стари лица со скромна пензија, и илјадници луѓе ја потпишаа онлајн петицијата со барање таа да добие национална пензија од Министерството за култура. Подоцна, продуцентот Иво Јанковски, чија продуцентска куќа „Трето уво“ објави три нејзини албуми („Македонски традиционални љубовни песни“, „Ритмистика“ и „Лулка“) ја подготови документацијата за Вања истата година да ја добие државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура.