Култура
(Видео) „Бикини Мун“ е филм на деликатна линија меѓу играното и документарното
Македонската премиера на филмот „Бикини Мун“ на режисерот Милчо Манчевски е закажана за 22 март во 20 часот во киното „Милениум“, а веќе од 22 часот филмот ќе биде прикажуван на редовен репертоар. Ова во споредба е прва кинодистрибуција на најновиот филм на Манчевски, но досега тој имаше неколку премиери во светот и ја освои критиката.
Го нарекуваат меѓудругото „провокативен, повеќеслоен лажен документарец, кој ги истакнува најлошите моменти на либерализмот на милениумската генерација“.
„Замисли да си жена која била војник во Ирак, а сега живее на улица во Њујорк. Ѝ ја одзеле ќерката затоа што има ментална болест и се бори да си ја врати назад. Бикини Мун Дејвис, главниот лик, има сложен однос со стварноста. Таа е харизматична, привлечна, духовита, ама и жена со ментални проблеми. Покрај тоа, Бикини Мун е и лажен документарец, и со тоа филм за нашиот однос кон вистината, за тоа како медиумите го менуваат она што го снимаат и влијаат врз стварноста за која известуваат. Приказнава е нешто што секој треба да го склопи на свој начин. Мојата цел е емотивната, а не фактографската вистина“, рече Манчевски на денешната прес-конференција.
По долго време, ова е прв сосема американски игран филм на Манчевски. Според него, конкретно во оваа приказна и овој филм македонско учество во продукцијата не било предвидено, иако работата на музиката тој му ја доверил на македонски композитор. Автор на музиката за филмот е неговиот долгогодишен соработник Игор Василев – Новоградска, а на денешната прес-конференција присуствуваше и британскиот дизајнер на продукција Дејвид Манс, кој како дизајнер на продукција има работено на сите досегашни филмови, видеореклами и видеоспотови на Манчевски. Дизајнер на визуелните ефекти на филмот е на Мишо Ристов.
„ За мене делото е најважно иако можеби ќе беше добро ако ни се склопеа ѕвездите за соработка со Македонија. Целиот процес на подготовка на работата на ‘Бикини Мун’ беше многу интересен. Многу сум задоволен од актерите и целата екипа“, рече Манчевски на денешната прес-конференција.
На прашањето зошто секогаш истакнува дека повеќе сака да пишува откоку да режира, Манчевски одговори дека „режијата е строга робија во споредба со пишувањето“.
За Манс, кој за потребите за снимањата на Манчевски прилично ја истражувал Македонија, земјата има преубави предели.
„Описот на мојата работа е таков што морам да истражувам многу локации. Земајќи предвид дека најголемиот број од филмовите на Милчо се снимани низ Македонија можам слободно да кажам дека одлично ја познавам вашата земја, која има преубави предели“.
По македонската премиера животот на „Бикини Мун“ продолжува на други меѓународни фестивали во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај. Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито. (А.В)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.