Култура
8 Bit вечер во „Точка“
Во културниот центар „Точка“ во петок, 4 декември, со почеток во 19:30 часот ќе се одржи предавање на германскиот музичар Тобијас Хикетиер, насловено „Понг принцип“
„Понг принцип“ („Das Pong Prinzip“) е предавање за историјата и културата на 8 Bit музика. Тобијас Хикетиер е член на групата „Jigsaw Screening“, која се занимава со продукција и рецепција на дигитални и недигитални медиуми. Неговото предавање „Понг принцип – развојот и културата на 8 Bit видео и компјутерски игри” ја осветлува историјата на почетоците на оваа компјутерска игра во контекст на нејзиното повторно усвојување денес. Првиот дел ги опфаќа пионерите на компјутерските игри на 50-те и 60-те години, во вториот дел ќе стане збор за настанокот на една индустрија од ова поле и митот поврзан со нејзините зачетоци, играта „Понг”. Третиот дел го опфаќа подемот на персоналниот компјутер во 80-те и зачетоците на една дигитална супкултура – кракери и демосцена. За крај, следи осврт кон гембојот, кој во 90-те години ја спаси 8 Bit техника, а кој пак денес е омилен меѓу 8 Bit музичари. Предавањето ќе биде дополнето со слики, видеоклипови и звучни илустрации.По предавањето на Хикетиер, во 20:30 часот Матијас Вицке, алијас „Модерен свет“ и практично ќе ни покаже што значи 8 Bit култура. Пример за тоа како денес може да звучи 8 Bit музика е соло-формацијата „Модерен свет“ од Хановер. Во живо од сцената, со вокал и „Комодоре 64“, со домашно програмирана музика, како и со касети со семплови од стари рок изведби, „Модерен свет” изведува впечатливи диско мелодии. „Модерен свет“ создава музика која не е задоволство само за љубителите на оваа супкултура, туку и за сите слушатели, нудејќи забава и ритам создаден за играње. 8 Bit вечер е весел настан за сите љубители на културниот живот во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.