Почина Клер Холингворт, новинарката што објави дека започнала Втората светска војна

215
(© AP Photo/ Kin Cheung)

Британската воена дописничка Клер Холингворт, новинарката којашто прва објави дека започнала Втората светска војна, почина во Хонгконг во 106-та година од животот.

Клер Холингворт влезе во историјата кога јавила дека Германија штотуку тргнува во инвазија врз Полска, што се смета за почетокот на Втората светска војна. Било тоа по само една седмица откако била вработена во британскиот дневен весник The Daily Telegraph.

На 29-ти август 1939 година Клер се нашла на насловните страници со извештајот „Илјада тенкови се групирани на полската граница“. Во информацијата, исто така, додала дека „десетици дивизии се подготвени да извршат напад“.

„Клубот на странските дописници (Foreign Correspondents’ Club – FCC) со жалење го објавува заминувањето на неговата омилена членка Клер Холингворт. Клер имаше истакната кариера на странски дописник, којашто започна со сензационалната вест на векот, кога објави за почетокот на Втората светска војна“, се вели во објавата на асоцијацијата чиешто седиште е во Хонгконг.

„Во месеците кои претходеле на вработувањето во Telegraph во јули 1939 година Холингворт го доби прекарот ‘Скарлет Пимперлен’ бидејќи и им помогнала на околу 3.500 Евреи да побегнат од нацистите, организирајќи ја нивната евакуација од Катовице во Велика Британија“, објави Клубот по повод нејзиниот 105-ти роденден, алудирајќи на серијата историски романи на британската баронеса Оржи кои ја следат приказната за Англичанец кој ги спасува аристократите во текот на Француската револуција.

Холингворт известувала и за воените судири во Палестина, Алжир, Иран, Египет, Пакистан, Кина, Јемен и во Виетнам. Беше, исто така, првиот западен новинар кој разговарал со иранскиот шах и известувала од Пекинг во времето на Мао Цетунг./крај/мф/сн

Коментари

коментари