Недела на турски филмови

Недела на турски филмови

Ревијата започнува со гала вечер во Македонскиот народен театар, на која ќе биде прикажан филмот „Долга приказна“.

Денеска, во просториите на „Парк Хотел и спа“ се одржа прес-конференција на која се најави првата Недела на турски филмови, која ќе трае од 10 до 14 мај.
Неделата на турски филмови започнува вечерва (среда), со гала вечер во Македонскиот народен театар. Гала вечерта ќе почне со филмот „Долга приказна“, во режија на познатиот турски режисер Осман Синав, а во главната улога настапува еден од најпознатите филмски актери во Турција, Кенан Имирзалиоглу.
Овој настан е под покровителство на главниот советник на претседателот на Р Турција, Јалчин Топчу, Министерството за култура и туризам на Р Турција, Институтот „Јунус Емре“, турската Меѓународна агенција за соработка и развој (ТИКА).
На репертоарот на Неделата на турски филмови ќе бидат прикажани и „Танц со којотите 4“, „Чанак кале – Крајот на патот“, „Збогум Катја“ и „Раната на мојата мајка“. Дел од режисерите кои ќе прикажат свои филмови се Осман Синав, Онер Килич, Мурат Шекер и Ахмет Сонмез, а дел од актерскиот тим се Емре Кизилирмак, Дерја Шенсој, Ајчин Инџи, Тургај Килич и Бурак Демир.


Во „Раната на мојата мајка“ настапуваат популарната Мерием Узерли (Хурем Султан) и нашата Сабина Ајрула-Тозија.
Со исклучок на гала вечерта, сите други проекции ќе се одржат во кино „Милениум“, со почеток од 17 и 20 часот. Влезот е бесплатен.
„Горди сме што сме дел од ваков тип настан, со кој ќе се промовираат турската кинематографија и уметност. Во наредните четири дена имаме можност да видиме интересна содржина во која ќе се запознаеме со една нова визија на режисерите од нашата пријателска земја Турција. Среќни сме и почестени што целиот тим од фестивалот ќе бидат гости на нашиот хотел во следните неколку дена. Како компанија секогаш се стремиме да ги промовираме културните настани кои се од големo значење за нашата земја“, велат од менаџментот на „Парк Хотел и спа“. крај/мф/