Отворена изложба на македонскиот сликар Ѓоко Ризов во Холандија

Отворена изложба на македонскиот сликар Ѓоко Ризов во Холандија

Изложба на македонскиот сликар Ѓоко Ризов беше отворена во четврток вечер во културниот центар „П60“ во Амстелвен, Холандија.

На изложбата се презентирани 12 дела од неговата работа, направени во техника масло на платно, а истата беше посетена од бројни љубители на уметноста од Холандија и предизвика голем интерес кај тамошната публика.

Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Холандија, Игор Попов, кој за Ризов истакна дека е особено талентиран македонски сликар, кој инспирацијата ја црпи од секојдневието, луѓето и сите нешта кои секојдневно нè опкружуваат, видени од поинаква перспектива.

Преку сликите, Ризов директно и бескрупулозно ја поставува асиметричноста и хаосот како културолошки феномен на опсервација. Тоа е очигледно не само во композицијата на сликата, туку и во креирањето нестандардни форми од: рамки или слика во слика со тридимензионални елементи.

Сето тоа го означува стремежот за бегство од конвенционалноста, суровата реалност, стереотипноста, како отпор кон придржување на традиционалните форми на создавање уметност, а наместо тоа тој создава нови светови во кои токму таа реалност е поинакво и поубаво место за живеење.

Особено интересен циклус кај Ризов е еко-тридемензионалната слика, која ја создава како спој на колажни техники од: масло на платно и елементи од природата. Ваквата слики доминираат во просторот, со импресивниот спој на камења, дрва, стакло, метал, со силни пастелни бои кои ја дополнуваат изразноста на чувството.

Изложбата ќе биде отворена до 1 април. /крај/со/ст