МАКФАКС

Објавен романот „Дневниците од оризова хартија“ од Франческа Ридерк

Објавен романот „Дневниците од оризова хартија“ од Франческа Ридерк
25.01.2017, 10:26

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна го објави романот „Дневниците од оризова хартија“ од велшката писателка Франческа Ридерк, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски. Романот е добитник на наградата „Велшка книга на годината“ во 2014 година.

„Дневниците од оризова хартија“ е приказна за маргините на војната, базирана врз вистински доживувања. Четири испреплетени нарации го пренесуваат интимниот пустош во поединечните животи предизвикан од воениот конфликт. Пролетта 1940 година, тукушто мажената Елса Џонс им припаѓа на високите кругови во Хонг Конг, но набргу завршува во импровизиран јапонски логор за европската елита…

За романот, меѓу другото, е напишано: „Елегантен прв роман исполнет со мирни и мудри забелешки, што успешно прикажува еден подзаборавен дел од историјата преку напнатите и фасцинантни односи на едно младо велшко семејство.“ (World Literature Today)

Во овој извонреден деби-роман, напишан според доживувањата на нејзината баба, Франческа Ридерк со чувствителност и проникливост ги обработува ефектите на војната врз еден импулсивен брак, како и сѐ поголемата сила и слабост на поединците соочени со војната и кризата.

Франческа Ридерк (1969) е велшка раскажувачка и романсиерка. Од 2002 до 2008 година работи како уредник на списанието „New Welsh Review“.

Нејзините раскази се објавувани во повеќе списанија и антологии, а се емитувани и на радиостаници како Би-би-си и Радио Велс. Нејзиниот расказ „Ќерката на препараторот“ влегува во потесен избор за наградата за најдобар расказ на Би-би-си во 2015 година. Автор е и на драмата „Пријател“, напишана на велшки јазик, за којашто влегува во потесен избор за наградата за најдобар драматург на велшкото здружение на театарски критичари.

Нејзиниот деби-роман „Дневниците од оризова хартија“ ја добива наградата „Велшка книга на годината“ за уметничка проза во 2014 година. /крај/со/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *