Книги
Објавена книгата „Македонија – живот и предели“ од група германски автори
Книгата „Македонија – живот и предели“ од група германски автори, во превод од германски јазик на Слободанка Поповска, а со предговор за германската македонистика пред, за време и по Првата светска војна на проф. д-р Волф Ошлис, неодамна излезе од печат, а ја објави „Македоника“ од Скопје.
Оваа книга содржи текстови за Македонија од германски автори кои неа ја истражувале за време на Првата светска војна или по разни поводи потоа пишувале за Македонија. Трудовите се однесуваат на Македонија и на нејзиното население, обичаите, етно-графијата, земјата, историјата…
Во овој зборник, меѓу другото, делумно е објавена „Етногра¬фи¬ја на Македонија“ (1924) на Густав Вајганд (1860-1930, раководител на Македонската земска комисија) и дел од зборникот „Македонија – животот и сликата на пределот“, подготвен од Херберт Ертел, а од кој, освен негов текст, преземени се текстови на Герхард Геземан, Јозеф Берге, Јозеф Мерц, Алојз Шмаус и Ханс Ерке.
Во книгата се објавени и 137 фотографии од германски војници или истражувачи, снимени во Македонија за време на Правата светска војна и во периодот меѓу двете светски војни.
Како резултат на германските проучувања на Македонија во минатото, а првенствено во периодот на Првата светска војна, кога со логистичка поддршка на германската војска на територијата на Македонија истражувала групата германски научници позната како „Македонска земска комисија“, по војната во Германија се објавени неколку публикации посветени на Македонија.
Некои од нив спаѓаат меѓу најзначајните научни публикации за Македонија до тој период, а книгата на Леонард Шулце Јена „Македонија – предел и култура на живеење“ (која содржи близу 150 фото¬гра¬фии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија), првпат објавена на германски јазик во 1927 година, може да се смета за првата научна монографија за Македонија.
Друга значајна научна публи¬кација од германски автор е книгата на Франц Дофлајн, со наслов „Маке¬до¬нија“ (која е исто така обемна и содржи и 296 фото¬гра¬фии, цртежи и карти), објавена во Германија во 1921 година. Книгата на Дофлајн првпат на македон¬ски јазик е објавена дури во 2010 година (во издание на „Маке¬дон¬ска реч“), а на Шулце Јена во 2013 година (во издание на „Македоника литера“).
По книгите на Дофлајн, Шулце – Јена, како и „Правната положба на Македонците во Југославија“ на Карл Штруп (кој не бил член на комиси¬јата, но во тој период го истражувал македонското прашање), која на македонски јазик е објавена во 2014 година (издание на „Маке¬до¬ника литера“), оваа книга – „Македонија (живот и предели)“ е четврта¬та по ред од таа „германска“ едиција на трудови за Мак嬬донија создавани во првите децении на ХХ век што се објавува на македонски јазик.
Има уште десетина трудови во кои се објавени резултатите од проучу¬вањето на Македонија, но по обем се помали од книгите на Дофлајн и Шулце Јена. Во некои идни изданија, уште во неколку книги, „Македоника“ планира да ги публикува текстовите, односно кни¬гите за воените дејства и мирот во Македонија, воените дневници, записи и спомени на германски војници, како и патописи за Маке¬донија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.