Култура
Македонските радио станици ги одбраа најслушаните песни за оваа година
Македонскиот радиски фестивал – МАРС 2016 ќе одржи во Македонската опера и балет на 21-ви ноември. Забраните за емитување на македонска музика од страна на ЗАМП, не ги спречија радио станиците ширум Македонија да ги изберат најслушаните хитови.
Меѓу наградените оваа година ќе се најдат: Елена Ристеска, Магдалена Цветковска – Ена, Влатко Илиевски, Лозано, Александар Тарабунов и многу други. Публиката за избраните радиски хитови може да гласа на фан страната на МАРС 2016 на Фејсбук.
Како и изминатите години, годинава на МАРС ќе настапат две звучни имиња од соседството. Честа да ја збогатат музичката програма на фестивалот ја имаат српските поп ѕвезди Гоца Тржан и Наташа Беквалац. /крај/им
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Отворање на изложбата „Париски рефлексии III“ во Чифте амам
Францускиот институт во Скопје и Националната галерија, во рамките на одбележување на Месецот на франкофонијата, со особено задоволство го најавуваат третото продолжение од циклусот изложби, со наслов „Париски рефлексии“. Отворањето ќе се одржи в петок, 22 март 2024, во 12 часот, во Чифте амам.
Изложбата, која го носи предзнакот 3, претставува избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, дел како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“, но и преку специјализации и дополнување на образованието, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз. Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.
Во оваа селекција се вклучени авторите кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20. век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив стануваат професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Таки Павловски Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари). Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).
Изложбата ќе ја отворат: Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија, и Дита Старова Ќерими, Директорка на Националната галерија.
Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.
Сите претставени дела, од кои повеќето се ретко изложувани, се дел од колекцијата на Националната галерија.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Го исполнивме аманетот на нашите предци, до крајот на 2025 година, нов „Центар за македонски јазик“ во Љубојно
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, и Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, денеска во преспанското село Љубојно направија увид во започнатата реконструкција и адаптација на старото училиште „Димитар Влахов“ во „Центар за промоција на македонскиот јазик“.
„Владата, Министерството за култура и Заводот и музеј од Битола со сето срце и одговорност се заложија објектот со имотен лист број 55 да заживее во чест на македонските дејци и на сите просветни работници, како и во чест на оние на кои споменот на школските денови во старото училиште е повеќе од спомен. ’Центарот за македонски јазик‘ ќе биде наш заеднички паметник за кој до крајот на наредната, 2025 година, со задоволство ќе речеме – аманетот го исполнивме“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура рече дека секогаш со радост му се враќаме на Љубојно, на ова македонско образовно светилиште, кај темелите на нашето описменување на мајчин, македонски јазик.
„Како генерација го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што ја има училиштето за едукација на македонскиот народ“, истакна таа.
Додаде дека во изминатиот период, надлежната установа Завод и музеј – Битола, со стручните тимови и со сите вклучени во процесот, со висока професионалност ги исполни многубројните неопходни чекори за остварување на визијата за еден модерен Центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура, на нашиот идентитет.
„Овој благороден и исклучителен проект“, рече министерката за култура, „го започнавме со прогласување на селото Љубојно за заштитена споменична целина, по што беа изработувани сите потребни стручни елаборати и проекти, за да ја добиеме градежната дозвола и градбата да може да започне.“
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека со изградбата на „Центарот за промоција на македонскиот јазик“, ја искажуваме почитта кон сите учители и ученици кои на ова место се образовале уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека тие веќе одржаа настан во дворот на училиштето, на отворањето на „25. денови на Благоја Корубин“, и одаде: „Очекувам возобновениот ’Центар за промоција на македонскиот јазик‘ да e место кое ќе го посетуваат младите луѓе од дијаспората, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик. Но, очекувам овој центар да изврши голема улога и во зајакнување на билатералните и трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, да биде мост кој ќе ги обединува овие три држави“.
За реконструкција на старото училиште ,,Димитар Влахов“ во Љубојно и за негова комплетна адаптација во „Центар за промоција на македонскиот јазик“, од буџетот на Министерството за култура во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари.
Култура
Изведба на раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ од Џузепе Верди на 20 март
На 20 март со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе раскошната и драматична балетска претстава „Дамата со камелии“ работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“.
Диригент е Иван Еминовиќ, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, а раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка.
Во главните улоги ќе настапат нашите балетските првенци: Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.