Прво издание на филмскиот фестивал КРИК

Прво издание на филмскиот фестивал КРИК

Фестивалот за критичка култура КРИК почнува во петок со првото издание на филмскиот фестивал посветен на човековите права.

Во Кинотеката на Македонија, од 18 до 20 ноември ќе бидат прикажани три филмови и ќе се одржи презентација на книгата на Бојан Бабиќ „Што значи да се биде странец?“ во издание на Готен.

Овој мини филмски фестивал почнува со документариот филм „Аустерлиц“ (Austerlitz), на режисерот и сценарист Сергеј Лозница. По проекцијата ќе се одржи разговор со Бојан Бабиќ и Никола Гелевски, модератор ќе биде Роберт Алаѓозовски.

Селектор на филмскиот фестивал е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат.

„Филмовите што ќе ги прикажеме тешко би успеале директно да интервенираат во стварноста, но тие се најдобриот тренинг за умеењето на другиот поглед, особено сега, кога европските општества се улулкани во конфузијата на ученото незнаење.
Нѐ интересираат и активизмот и кинофилското авторство, но не тежнееме кон помирување на активизмот и авторството или кон барање на нивниот најмал заеднички и можеби популистички – именител. Нашата скопска публика ќе се обидеме да ја изложиме на поинакви визури, географии и жанрови“, вели Милат за концептот на фестивалот.

Првиот филм на програмата е „Аустерлиц“, според многумина критичари, најважниот филм на годинешниот Венециски филмски фестивал. Сергеј Лозница последните две – три години важи за големо авторско име на европскиот филм, кој со своите претходни филмови многу суптилно интервенираше во политичкиот живот на Украина и на Русија.

Истражувањето на моќта на режисерот Алеберт Сера, во „Смртта на Луј XIV “, според интензитетот може да се спореди со славниот циклус на Александар Сокуров. Како што во филмот “Ревизија“, форензичарски прецизно Филип Шефнер го прикажа убиството на еден ромски емигрант во Германија, така во „Хаварија“ тој „снима“ филм за смртта на бегалците на Медитеранот. Минимална слика за максимално кино. /крај/со/ст