МАКФАКС

Ана Комнена – нова премиера на велешкиот Театар „Џинот“

Ана Комнена – нова премиера на велешкиот Театар „Џинот“
10.02.2017, 12:03

Велешкиот театар во петок, на 17 февруари, премиерно ќе ја изведе претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев.

Ана Комнена е праизведба на истоимениот драмски текст на Сашо Димоски, второрангиран на конкурсот за драмски текст за отворање на новата театарска зграда. Претставата е последна, четврта премиера од минатогодишната програма на театарот, поддржана од Министерството за култура, со која Театар „Џинот“ Велес ќе ја отвори новата театарска сезона за 2017 година.

„Ова не е историска драма ниту драма на историјата, туку современ драмски прочит кој го преиспитува историскиот контекст и феноменот на власта, но и сите политички, социолошки, културолошки и уметнички референци на Византија како империја во нивните универзални значења и вредности“, истакна уметничкиот директор на театарот Васил Зафирчев.

„Претставата е градена на три основни концепти како што се родовото устројство на светот, позицијата на жената во власта и преиспитување на концептот верба, позицијата на Бог, прочитана од сите можни перспективи што го засегаат човековото битие. Овие три концепти се особено сериозни, на нив почива цивилизацијата“, вели авторот на текстот Сашо Димоски.

Претставата ја третира личната драма на византиската принцеза Ана Комнена која иако легитимен претстолонаследник на византискиот престол, не успева да застане на чело на империјата само затоа што е жена.

„И во денешно време постојат сегрегирањата по основа на пол и затоа е интересна животната приказна на Ана Комнена. И покрај перипетиите што и се случуваат во борбата за престолот, нејзиниот прогон, на крајот сепак таа успева да извојува морална победа, од која произлегува главната поента на претставата дека човекот не го прави позицијата општеството, туку душата и срцето“, вели режисерот Ненад Витанов.

Насловната улога во претставата ја толкува актерката Кети Борисовска која за Ана Комнена вели дека е најголемиот воин во борбата за добивање на нештата со право што следува по природен пат. Нејзиното најсилно оружје е тоа што е апсолутна жена.

Покрај Борисовска, во претставата настапува речиси целиот ансамбл на театарот: Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Весна Димитровска Бобевски, Зорица Панчиќ, Жарко Спасовски, Александар Велјановски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Маја Љутков, Александар Ѓеоргиев, Кирил Гравчев, Марија Стефановска, како и студентите од Факултетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА“ Даријан Петровски, Андреј Серафимовски и Румена Шопова.

Сценографијта за претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Раде Василев, авторската музика на Сашко Костов, а видео-дизајнот на Данчо Стефков.

Првата реприза на претставата е закажана за во сабота на 18-ти февруари, а билетите од понеделник ќе бидат пуштени во продажба на билетарницата на театарот. /крај/со/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *