Заев: Парите ќе се делат еднакво на сите општини

Заев: Парите ќе се делат еднакво на сите општини

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на митингот во Македонски Брод најави квалитетна инфраструктура и отворање на градот кон Скопје.

„Дојдов првин да го дадам зборот дека ќе ја имате целата моја поддршка, поддршка на Владата и мнозинството во парламентот за сите проекти што се однесуваат на квалитетна инфраструктура, поврзување со Македонски Брод и квалитетен живот за сите граѓани на Македонски Брод.

Мора да го отвориме Македонски Брод поблиску до главниот град ако сакаме развој. Ќе ја поддржиме индустриската зона, ќе ја поддржиме инфраструктурата, но за да има инвестиции, мора да го отвориме Македонски Брод кон главниот град. Сите општини за нас се еднакво важни. Парите рамномерно ќе ги распределуваме еднакво насекаде во државата. Затоа се залагаме за рамномерен регионален развој за сите.

Македонски Брод не може и не смее да си дозволи да им го продолжи рокот на траење и на оние што ја водат општината, а што ја водеа државата. Вие рековте „не“ на централната власт, сега е време да ја промениме локалната. Да гласаме за Живко за живот во Македонски Брод“, порача Заев.

Претходно тој имаше средба и со граѓани во општина Пласница, каде што упати порака дека само со сплотени граѓани Македонија ќе оди напред и може да се врати животот во секоја општина и за сите. Тој побара поддршка за концептот едно општество за сите и нагласи дека заврши времето на поделбите, граѓаните се сплотуваат за живот во Македонија.

„Со новата локала власт, примарно и најважно, ќе го решиме прашањето за чиста и здрава вода за пиење во општина Пласница. Заедно, општината и Владата, ќе ги обновиме регионалните патишта. Патот што се пробива кон Крушево сега се прави од ваши пари. Не го прави Општината. Ветувам дека ќе обезбедиме асфалт за потребните девет километри и ќе ја отвориме Пласница да живее и да биде поврзана општина. Целосно ќе ја подобриме мрежата за меѓуселски и селски патишта. Ќе има полесна пристапност и подобрување на сообраќајот внатре во Пласница и од Пласница насекаде помеѓу другите населени места. Активно ќе ја поддржуваме Општината да се стават во сила плановите за локален економски развој. Конечна цел мора да ни биде да отвораме фабрики овде, да има производствени погони за да се вработуваат младите“, порача Заев. Притоа тој бара поддршка за кандидатот за градоначалник, Шпресим Ајроски.