Викендов во Прилеп ќе се одржи карневалот „Прочка“

Викендов во Прилеп ќе се одржи карневалот „Прочка“

 

По 16-ти традиционален пат во Прилеп, овој викенд, ќе се одржи меѓународниот карневал „Прочка 2017“.

Како и секоја година организатори на овој настан се Општина Прилеп, одделението за култура и Здружението на граѓани „Прилепски мечкари“. Овој карневал прерасна во вистинска атракција и голем промотивен бренд не само за Прилеп туку и за цела Македонија. Подготовките за Карневалот започнуваат во петок со отворање на изложбата која секоја година е сведок на најрзлични креации на маски изработени од учениците во основните и средните училишта насочувани од нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава, кои се партнери во целокупната организација.

„Во саботата пак ќе се одржи првата научна конференција насловена како „Обреди и фестивали под маски на Балканот: традиција, состојба, тенденција.“ во хотелот Кристал Палас. Гости, учесници на конференцијата се пријавени од Србија, Бугарија и Македонија, додека реферати ќе има и од етнолози од Словенија, Хрватска и Грција. На оваа конференција треба да се истакне улогата на маската и маскирањето како дел од културната историја и наследство на територијата на Балканот низ вековите, а собраниот материјал ќе биде испечатен и издаден од Општина Прилеп заедно со Институтот за Старословенска култура кои заеднички ја организираат. Да напоменам и тоа дека од лани детскиот карневал е посебен настан и тој ќе се одржи во сабота со почеток во 12.30ч. кога ќе биде парадата на учесниците до 14 години, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде што покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции за сето тоа да заврши со заедничка забава. Централен настан е меѓународното дефиле кое ќе се одржи во недела, на кое ќе се претстават бројни групни и поединечни маски, а стартот е од ЦК „Марко Цепенков. Трасата ќе се движи се до плоштадот „Методија Андонов Ченто“ каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика“, изјави Снеже Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

Организаторите апелираат сите оние кои се уште не се пријавени, а сакаат да учествуваат на Карневалот да ја посетат страницата на карневалот каде има пријава која можат да ја испратат по електронски пат или пак непосредно пред карневалот во билетарницата на ЦК „Марко Цепенков“. За најубавите маски ќе има и награди во неколку категории за кои ќе одлучува стручна жири комисија.

„Освен гостите од Прилеп и Македонија, оваа година потврдено присуство имаат групи од два град од Албанија, Каваја и Корча, од Србија има од Бања Ковиљача, Шабац, Лесковац, Белград, Бела Црква, Врњачка Бања и уште неколку други, од Бугарија ќе ни дојдат гости од Перник. Годинава значи се очекува да имаме околу 1.000 учесници. Здружението „Прочкари“ прави маска која што не е видена досега на овие балкански простори, маска која ќе даде голем поттик за размислување за нашите обичаи и традиции, а паралелно со тоа и средните училишта изработуваат интересни маски“, истакна Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Од Локалната самоуправа истакнаа дека очекуваат сите овие случувања да донесат многу позитивна енергија и расположение во Прилеп, кое ќе овозможи барем за момент да ги оставиме проблемите настрана и да уживаме.

„Карневалот „Прочка“ е еден од поголемите културни брендови не само на Прилеп туку и на Македонија и влегува на мапата на тој т.н. фестивалски и културен туризам кој Прилеп го негува веќе со години“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Одбележувањето на Карневалот како и секоја година традиционално завршува во понеделникот, со ручек од посно гравче кое го даваат „Прилепските мечкари“. Тоа е вековна традиција и секоја година се одржува во некој верски објект, каде касапите се молат за прошка на своите гревови, а потоа се служи ручекот со посен грав кој претставува вистински специјалитет, затоа е подготвен само на масло, без вода. Тоа е тајна на касапите која досега не сакаат да ја откријат. „Прилепските мечкари“ ги покануваат сите кои сакаат да го пробаат овој грав да дојдат во понеделник во 12 часот во манастирот „Св. Ѓорѓија“, кој се наоѓа над вештачкото езеро./крај/со/бб