Дескоска: Изработката на нови учебници ќе биде една од најзначајните инвестиции за 2018

Дескоска: Изработката на нови учебници ќе биде една од најзначајните инвестиции за 2018

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска го презентира предлог-буџетот на Министерството за образование и наука за 2018 година.

Истакна дека вкупниот буџет за в година изнесува 25.002.838.000 денари, односно 406.555.211 евра, што претставува зголемување од 5 отсто во споредба со лани. На него се гледа како на развоен буџет, со кој ќе се инвестира во квалитетот на образованието и ќе се обезбедат подобри услови.

Дескоска истакна дека од аспект на најзначајните политики на Министерството за образование и наука буџетот содржи неколку клучни подобрувања.

„Средствата што ги пренесуваме на единиците за локална самоуправа за основното и средното образование се значително зголемени во однос на минатата година. Со тоа ќе обезбедиме повеќе средства за подобри услови во училиштата, а предвидени се и нови вработувања во согласност со реалните потреби. За оваа цел има зголемување од 4,62 отсто во однос на 2017 година или дополнителни 600 милиони денари повеќе“, рече министерката.

Како најзначајна инвестиција во делот на основното и средното образование Дескоска ги посочи предвидените средства за изготвување нови и квалитетни учебници, а нагласи дека со буџетот за 2018 година ќе се унапреди и статусот на наставниците, при што сите вработени во основното и средното образование ќе добијат зголемување на платите од 5 отсто.

„Во однос на новите учебници треба да се има предвид дека пишувањето е сериозен и долг процес. Затоа сакам да најавам дека предност во процесот ќе му дадеме на квалитетот, а не на времето за изработката на учебниците“, нагласи Дескоска.

Околу 45 отсто од планираните средства од вкупниот буџет на МОН се предвидени за финансирање на потребите на основното образование. За високото образование се наменети 26 отсто од буџетот на МОН, за средното образование се предвидени околу 19 отсто од буџетот, за ученички и студентски стандард 6 отсто, а за наука и за научните институти се предвидени 2 отсто од буџетот. За администрацијата се одвојуваат околу 1,8 отсто и 1 процент се однесува на другите проекти.

За капитални инвестиции во образованието во буџетот за 2018 има предвидено 2.140.024.000 милиони денари. Од нив, за изградба и реконструкција на основни и средни училишта се обезбедуваат 282.600.000 денари.

Посебен фокус ќе биде ставен и на подигнувањето на квалитетот на високото образование. Во 2017 година основниот буџет за високото образование изнесувал 2.553.668.000, а за 2018 година се предвидува зголемување од половина милијарда денари, потенцира министерката.