На Груевски за шлаканиците во Центар му се суди пред камери

На Груевски за шлаканиците во Центар му се суди пред камери

Новото рочиште за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ во кривичниот суд денеска се снима со две камери.

Ова е првпат судење по предмет на СЈО да биде под видеонадзор. Како што објасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, а не и тонски.

Кога судијката извести дека се снима, адвокатот Димитар Дангов реагира дека, штом се снима, не треба да се води писмен записник и побара да се одложи главната расправа затоа што претходните записници не биле потпишани од странките што се обвинети.

„Истакнувам приговор за начинот на водење на записникот на главната расправа со оглед како судот постапува на денешниот предмет. Досега имаше подготвителни расправи, а не беа снимани тонски или визуелно, освен едното од нив. Му предлагам на судот, за да нема недостиг на записи од претходните рочишта, да ги повика странките да ги потпиштат записниците затоа што инаку нема да имаат правно дејство. Тоа е во согласност со законот. Доколку судот не реши како ќе постапува по овој предлог, нема да може да продолжи главната расправа“, рече адвокатот.

 

Судијката Татјана Михајлова истакна дека има многубројни одлуки по кои судот по службена должност води засписници во строга форма и го одби предлогот на одбраната да се одбие предлогот за одложување на денешното рочиште.

„Без оглед дали се одржани или не се одржани рочиштата, досега вие не сте доставиле приговор по оваа точка. Од 1 декември 2013 година до денес кога е донесен законот, ние постапуваме на овој начин. Овде има многубројни одлуки по кои се постапувало на ваков начин. Тоа се одлуки по кои судот по службена должност води записници во строга форма. Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видете претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата. Приговорот можам да го одбијам ако е процесен“, истакна судијката.

На претходните рочишта вина за настаните пред Општина Центар во јуни 2013 признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски.

Во овој предмет обвинети се уште 12 лица, меѓу кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во 2013 година.

 

Кристијан Ландов