Полесно ќе се утврдува одговорност на судии

Полесно ќе се утврдува одговорност на судии

Министерството за правда почна постапка за укинување на Советот за утврдување факти и одговорност на судии. На единствениот електронски регистар на прописи, ЕНЕР, предлогот за укинување на ова тело кое одлучува за нестручно постапување на судиите, засегнатите страни имаат 20 дена да остават забелешки. Потоа предлог-законот влегува во собраниска процедура.

Во образложението за укинувањето на ова тело, пишува дека одредбите од Законот за судовите, Законот за Судскиот совет и Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија биле предмет на разгледување од Венецијанската комисија при Советот на Европа. Венецијанската комисија наведува дека функциите на Советот за факти треба да бидат префрлени во Судскиот совет, под услов членовите или телата на Судскиот совет вклучени во почетната фаза на дисциплинската постапка како што се „обвинители“ или „истражувачи“ да не учествуваат во конечната одлука како „судии“.

„Венецијанската комисија во декември 2015 година донесе мислење со кое истакнува одредени сугестии за подобрување на одредбите од пакетот закони од областа на правосудството. Постапувајќи по забелешките на Венецијанската комисија, пристапивме кон изготвување нови законски решенија во пакетот закони од областа на правосудството, во кои се имплементираат мислењата на Венецијанскатта комисија. Клучните забелешки на Венецијанската комисија се однесуваа на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, на основите за дисциплинска одговорност на судија и дисциплинските мерки, како и одредбите за оценување на судиите“, пишува во предлогот.

Ова тело последните недели е актуелно по серијата иницијативи за утврдување одговорност на судии во постапките за СЈО. Сашо Поцевски од Советот се пожали дека претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, му прави опструкции и не им дозволува на членовите да влезат во Врховниот суд, по што најави и кривична пријава за првиот човек на највисокиот суд во земјава.

Во исто време, Министерството за правда, ќе го менува Законот за судскиот совет, со кој бара поголема транспарентноста. Ќе се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија согласно меѓународните препораки и Програмата на Владата за периодот од 2017-2020 година. Временската рамка за изготвување на предлог-законот е до крајот на месецот, по што треба да влезе во собраниска процедура.

В. Маглешов