Потребни се итни мерки за заштита: балканскиот рис прогласен за критично загрозено животно

Потребни се итни мерки за заштита: балканскиот рис прогласен за критично загрозено животно

Во рамките на 37. средба на постојаниот комитет на Бернската конвенција во Стразбур балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е вметнат во прилогот бр. 2 како критично загрозено животно за кое се потребни итни мерки за заштита, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Ваквата одлука била донесена по иницијатива на албанското Министерство за туризам и животна средина.

Според Македонското еколошко друштво, ова претставува големо признание и чекор напред кон заштитата на загрозеното животно, присутно само на Балканот.

„Овој успех дава поголем акцент на заштитата на балканскиот рис. Европските конвенции ги препознаваат важноста и итноста за поголема легална заштита на овој вид. Ова признание игра улога и во спречување нелегални и непотребни активности во подрачјата каде што рисот е распространет и секако дека ќе помогне во борбата за заштита на рисот“, вели Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво.

Според експертите, се проценува дека шумите во Западен Балкан се населени од помалку од 50 возрасни единки, а целата популација се состои од 20 до 39 возрасни единки. Досега присуство на балканскиот рис е потврдено во западна Македонија, посебно во и околу националниот парк Маврово, како и планините Мунела, Шебеник и албанските Алпи во Албанија. Според последните истражувања со фотозамки, потврдено е присуство на најмалку две единки во западно Косово. Присуството на балканскиот рис во Црна Гора и Грција сè уште не е потврдено.