По втор пат во Прилеп ќе се одржи downhill велосипедска трка

По втор пат во Прилеп ќе се одржи downhill велосипедска трка

 

На месноста „Топташ“ кај Прилеп од 22 до 23 април по втор пат ќе се одржи downhill велосипедската трка.

Оваа трка е во организација на подмладокот на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп. Downhill е вид на спорт со велосипеди кој кај нас моментално сеуште е во развиток. Тој се одвива на планини, односно велосипедистите не се качуваат нагоре со велосипедите туку се спуштаат само надолу по планините, со екстремни скокови, по доста тешки терени и секции. Оние кои се занимаваат со овој спорт велат дека тој е доста ризичен и дека неможе секој да се занимава со него.

„Се очекува на оваа трка да присуствуваат 60-тина натпреварувачи од Македонија, Србија, Црна Гора и Бугарија. Се надеваме на добро време, добра организација и пред се добра забава. Редовно ја подготвуваме стазата и се надеваме дека за брзо време таа ќе биде и готова, затоа што за разлика од лани имаме и некои нови делови. Минатата година таа беше долга 2 км, а годинава нејзината должина изнесува 2,7 км.“, рече Илија Ангелески, член на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп.

Оваа секција за downhill на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп брои 10 членови и постои од лани кога ја организираше и првата ваква трка. Годинава разликата е што овој настан добива и меѓународен карактер и тој ќе претставува уште еден екстремен спорт кој полека ќе започне да се развива во Прилеп, покрај болдерингот, параглајдерстовото, планинскиот велосипедизам, планинскиот ултра маратон, мото крос трките и трофито со џипови.

„Денеска поразговаравме со подмладокот на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп за еден доста атрактивен и адреналински спорт downhill. Лани прв пат беше организирана ваква трка, годинава таа добива и меѓународна димензија и оваа downhill трка на „Топташ“ ќе се вброи во големиот број на екстремни спортови кои се одвиваат во текот на годината во Прилеп. Нашиот град претставува центар за равој на екстремните спортови и развојот на сите овие нови атрактивни и екстремни дисциплини ќе биде приоритет на општина Прилеп. Исто така со клубот разговаравме заедно за средување на патеката и ние како локална самоуправа ќе помогнеме околу тоа“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Организацијата на оваа трка инаку произлезе како предог на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп, на „Денот на идеи“, кој го организира Општина Прилеп./крај/со/бб