МАКФАКС

Продолжува координацијата за составот на комисијата за избори и именувања

Продолжува координацијата за составот на комисијата за избори и именувања
22.03.2017, 10:44

 

Во Собранието, во среда напладне треба да продолжи координативна средба на парламентарните групи за утврдување на предлог составот на комисијата за прашања на изборите и именувањата, што е предуслов за закажување продолжение на Конститутивната собраниска седница.

На координацијата се очекува да продолжат разговорите за избор на претседател на комисијата за избори и именувања, за што на вчерашната седница не беше постигнат договор.

Во комисијата за избори и именувања, како што беше утврдено на почетокот на координацијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и Беса ќе бидат застапени со по еден член.

„Досегашната пракса на работа во собранието на Република Македонија во последните 25 години говори дека претседател на комисијата за избори и именување секогаш е од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок нема исклучок во досегашните 25 години. Бројот на пратеници членови на комисиите не е милост или добродател на една партија спрема друга туку е одлука на граѓаните врз база на егзактна математика на прецизни бројки. Значи соодносот 6 – 5 – 1 – 1 не е заради задоволството на СДСМ да покаже гест туку е последица на изборните резултати од 11 декември минатата година“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, во вторникот.

Тој изрази подготвеност, ако има договор „уште утре да ги тераме следните постапки и следните процедури во работата на собранието“.

Во ситуација кога најголемата пратеничка група има малцинство во парламентот,Димовски рече дека не го исклучува моментот дека никогаш до сега собранието како независна власт како законодавна власт во својата работа немало ситуација во која што претседател на комисија за избори и именувања доаѓал од втората, третата или четвртата партија.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски пак рече дека откако се договорил составот на комисијата, ВМРО-ДПМНЕ поставила уште еден услов, претседателот на Комисијата за избори и именувања да биде од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако тоа не се случи, нема да има продолжување на конститутивната седница и избор на Претседател на Собранието. Тоа уште еднаш покажува и докажува дека ВМРО-ДПМНЕ спротивно на сите демократски принципи ја узурпира Македонија, ги узурпира институциите, заради лични и партиски интереси не сака да функционира Собранието како највисок законодавен и претставнички дом на граѓаните веројатно заради зачувување на сопствените позиции кои ги имаа и ги узурпираат овде во собранието иако е јасно дека изборот на Комисијата за избори и именувања се прави во Собранието“, додаде Спасовски.
Тој побара што поскоро да се одболокираат институциите во Македонија за да не биде место во кое некој ќе ги узурпира и блокира институциите на системот, а директна штета ќе трпат граѓаните./крај/мф

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *