Ристоска: Бошковски влијаел врз сведоци вработени во УБК

Ристоска: Бошковски влијаел врз сведоци вработени во УБК
Апелацискиот суд ја разгледа жалбата на СЈО за неопределувањето притвор за  Никола Бошковски, кој  е обвинет во случаите „Тврдина“ и „Таргет“. Со нив тој е обвинет за фалсификување службена исправа и за злоупотреба на службена положба и овластувања. Самиот Бошковски се жали што му е одземена патната исправа. 
Во расправата обвинителката Ленче Ристоска посочи дека станува збор за оштетени над 300 лица и 50 сведоци. Според неа, мерката за претпазливост кон Бошковски е неопходна бидејќи работи во  УБК и може да избега.
Одбраната, пак, од друга страна тврдеше дека  обвинението е поднесено од неовластен тужител. Петар Василев, адвокатот на Бошковски, изјави дека во фазата на истрага судија од  претходната  постапка веќе ги одбил мерките за претпазливост за Бошковски. Обвинетиот е разрешен три нивоа подолу во Управата за безбедност и контраразузнување и поради тоа, тврди одбраната, тој не може да влијае врз сведоците. Според Василев, СЈО не ни има докази за ова  барање. Бошковски од своја страна рече дека не се чувствува виновен.
 За СЈО прераспоредувањето на пониска позиција на Бошковски  не е аргумент за да се отфрлат мерките за претпазливост.
Во предметот „Тврдина“, кој на јавноста  ѝ беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување. Случајот „Таргет“ се однесува на прислушкувањето на  илјадници луѓе во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби.